Македонскиот пасош на 42 место во светот – послаб од српскиот и хрватскиот, посилен од албанскиот и босанскиот

Македонскиот пасош се најде на 42 позиција во светот според новото рангирање на јачината на пасошите кое го прави консултантската компанија „Henley & Partners“.

Со пасошот на Северна Македонија слободно може да се посетат вкупно 125 држави од светот и со тој резултат го дели 42-то место со Тонга. Индексот ги рангира пасошите според бројот на држави во кои може да се влезе без виза или со автоматско добивање виза при влез во земјата.

Од земјите од окружувањето, најсилен пасош е грчкиот (6 место/безвизен влез во 184 држави), по што следуваат словенскиот (10 место/180 држави), бугарскиот (19 место/169 држави), хрватскиот (20 место/168 држави) и српскиот (38 место/131 држава). Полоши од македонскиот се пасошите на Црна Гора (43 место/125 држави), Босна и Херцеговина (46 место/119 држави), Албанија (48 место/116 држави), додека најслаб пасош од балканскиот регион е косовскиот, кој се наоѓа на 95-тото место во светот и со кој може без посебни визи да се патува во само 43 земји.

Северна Македонија најдобро рангирана била во 2014 година, кога македонскиот пасош беше на 36-тото место во светот.

Три азиски земји го делат првото место според силата на пасошот за 2019 година – Јапонија, Сингапур и Јужна Кореја, со чиј пасош може да се посетат 189 држави. Веднаш зад нив се наоѓа Германија, по што следуваат Данска, Финска, Франција, Италија и Шведска.

Авганистан и Ирак ги имаат најлошите пасоши, со кои можат да патуваат во само 30 земји без задолжително добивање на виза.