Коронавирусот го „смести“ македонскиот пасош на 16-то место во светот

Според најновите рангирања на „Passport Index“, македонскиот пасош се наоѓа на 16-то место во светот, односно, со него може да се влезе без виза во 62 држави, додека во 37 држави се добива виза веднаш по пристигнувањето. Виза пак, е потребна за во 99 други држави.

Со ова, пасошот е пет места пред американскиот кој се наоѓа на 21-то место. За најмоќен се оценува пасошот на Нов Зеланд, додека на последното 75-то место се наоѓаат пасошите на Авганистан и Ирак.

„И покрај големата нестабилност на пасошот во текот на целата измината година, ‘Passport Index’ ги ажурираше рангирањата на пасошите во реално време, прикажувајќи го вистинскиот ефект на пандемијата на рангирањето на пасошите. Податоците се јасни, со привремени забрани за патување и ограничување на визите, многу земји кои некогаш имаа моќен пасош, сега се рангираат меѓу најниските во светот“, се вели во соопштението на „Passport Index“.

Таму се додава дека моментално состојбата со патувањето е хаотична и дека глобалната мобилност достигнала историско најниско ниво.