Македонскиот филм „Човек и пустина“ меѓу 20-те најдобри на „My RØDE Reel Short Film Competition“

Македонскиот краткометражен филм „Човек и пустина“ на режисерот Пеце Здравковски засега е меѓу 20-те најдобри, од вкупно пријавени 1679 филмови, во категоријата „people’s choice” на меѓународниот фестивал  „My RØDE Reel Short Film Competition“.

Станува збор за најголем фестивал на краткометражни филмови во светот и за престижно натпреварување на кое учествуваат илјадници режисери и продуценти.

„Филмот е инспириран од шега која се раскажува во околината на Прилеп и Битола, а за која и во двата града ќе чуете дека станува збор за нивна досетка. Кусиот игран филм е снимен без никаква финансиска поддршка со само 150 евра на локации околу општината Новаци, во близина на РЕК Битола“, вели Пеце Здравковски, режисер на „Човек и пустина“.

„Човек и пустина“ е краткометражна комедија која зборува за апсурдите во животот и за тоа каде може да не доведе следењето на лошите совети. Филмот е единствен кој учествува од Македонија.

Екипата на филмот се надева дека ќе добие награда на престижниот фестивал, а најмногу на првата, која е комплетна продукциска опрема. Бидејќи за победникот гласа и публика, потребни им се гласови.

Пеце Здравковски е режисер, сценарист, монтажер и колорист на филмот. Ѓорѓи Вацев е продуцент, директор на фотографија и звук. Норвежанецот Кетил Шеи кој е наратор на филмот, ја направи и музиката за филмот.  Бојан Соклевски е писател, бум-оператор, а Алек Ѓорѓиески е главниот актер. Христијан Српчански е камера-асистент, а Симона Јосифовска и Наташа Величковска се задолжени за фотографиите.

„Човек и пистина“ е трет краткометражен филм на Здравковски. Претходните два филма „Dogs of War“ и „Farewell“ победија на два интернационални натпревари и имаа номинации на најголемиот натпревар за кратки филмови MyRodeReel.