Македонскиот документарец „Земјата на медот“ ќе се прикажува на фестивалот „Санденс“

Од пријавени 14.259 филмови од 152 земји во селекцијата на годинешниот филмски фестивал „Санденс“ ќе се прикажува и документарниот филм од Македонија -„Honeyland“ („Земја на медот“), информираат од „МакеДокс“.

Се работи за документарен филм во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“.

Филмот ја освои наградата за дело во развој или „work-in-progress“ на 23. Сараевски филмски фестивал.

Снимањето на филмот започна во 2016 година со проект за поддржан од Швајцарската агенција за обнова и развој. Најпрво беше замислен како мал проект за истраживање на природата во регионот, но потоа се разви во долг наративен документарец.

„Земјата на медот“ ја следи 50-годишната Атиџе, пчеларка што живее во напуштено село без струја, заедно со својата слепа и парализирана мајка. Атиџе се обидува да ги спаси нејзините пчели од оние на семејство пчелари номади.

Ако Атиџе не успее да ги спаси пчелите, таа може да си замине засекогаш. Нејзината единствена надеж е да ги убеди новодојдените да го следат правилото за пчеларство што го следи цел живот: „Секогаш оставај им половина од медот на пчелите што го направиле“.

На фестивалот е најавено учество на уште еден македонски филм „Ловци на вештерки”, македонско-српска копродукција, која ја раскажува приказната за Јован, 10-годишно момче, родено со делумна церебрална парализа. Неговиот живот е условен од оваа ситуација. Преку својата имагинација Јован бега во светот на фантазијата во која тој е слободен да направи се и да биде оној кој сака, еден вид Суперхерој.

Основан во 1981 година од страна на филмската икона Роберт Редфорд, Фестивалот Санденс“ има цел да ја поврзува публиката со уметниците во разгорување на нови филмски идеи, откривање оригинални приказни и градење филмска заедница посветена на независниот филм.