Македонскиот бенд „Фaнк шуи“ помеѓу финалистите на „Hemi music awards“

Македонскиот бенд „Фанк шуи“ се наоѓа помеѓу 9-те финалисти номинирани за “HEMI Music Award” – нова програма наменета за талентирани музички изведувачи кои се подготвени да развијат меѓународна кариера и да ја пласираат својата музика на европско ниво.

Од вкупно 285 европски таленти од Централна и Југоисточна Европа, жирито првично избра 27 бендови од 9 држави, меѓу кои од Македонија беа избрани „Плутос Даутс“, „Фанк Шуи“ и „Ју“ а во вториот круг, со гласовите од меѓународното жири, влегоа „Фанк шуи“, заедно со уште осум европски бендови.

Меѓународното жири на Центарот за размена на музички иновации “HEMI”, е составено од организатори на фестивали, промотори, менаџери, продуценти и музички новинари, меѓу кои се наоѓаат имиња како Едмонд Ленарт- букинг агентот на најголемиот фестивал во Романија „Electric Castle”, Томас Макаирас- арт директор на „Release Athens Festival”, Милан Ракиќ- букинг агент за „Explosive Stage“ на реномираниот “Exit Festival”, Катарина Епстајн од „Radio Belgrade“, како и Драган Амброзиќ – уредник на програмата на Dom Omladine во Белград.

Во втората фаза на „HMA”, деветте финалисти ќе добијат персонализирани сесии и професионални тренинзи од страна на ментор – експерт во областа на музичката индустрија, кој ќе биде назначен согласно потребите на секој бенд.

Заедно со обуката овозможена од “HEMI”, деветте финалисти ќе изработат ексклузивен материјал кој ќе го претстават за време на „HMA” лајв сесијата, за конечно да стигнеме до последната фаза на наградите во јуни, кога ќе се изберат 3-те добитници на “HEMI Music Awards 2021”!

Покрај „Фанк шуи“, помеѓу деветте финалисти се наоѓаат и пејачот и баскер „Thom Artway” од Чешка, необичното нордиско електро-поп трио од Естонија „I Wear* Experiment”, алт-рокерите од Грција „Deaf Radio”, блуз бендот „Woodstock Barbie” од Унгарија, гараж-рок триото и гордите сопственици на еден од најдобрите српски албуми за 2020 година „Dogs In Kavala”, полскиот квартет „Izzy and the Black Trees”, првата јутјуб сензација во Романија „Lucia” и словенечките „Koala Voice” кои одлично ја комбинираат инди музиката со рок и поп звукот од 70-тите.