Македонски ученици ќе учат англиски јазик и претприемништво преку онлајн игра

Министерството за образование и наука и американската ИТ компанија Woogi International потпишаа Меморандум за соработка за имплементација на заеднички проект во основно и средно образование. Како што појаснуваат од МОН, целта на проектот е во образовниот процес да се воведе апликација преку која учениците ќе можат да учат aнглиски јазик и претприемништво.

Идејата е преку онлајн игра и менторирање во реално време од ментори кои се училишна возраст и англискиот им е мајчин јазик, македонските ученици да го подобруваат нивото на англискиот и своите знаења за претприемништвото. Апликацијата креирана од компанијата се користи во училишта во САД, Канада, Бразил и Кина, кај за деца од предшколска возраст до средно образование.

Содржината на курсот е акредитирана од Универзитетот во Калифорнија, a по завршувањето на курсот ќe се доделува и диплома. Нивото на англиски јазик пак ќе се оценува според ТЕСОЛ стандардите.

Од МОН соопштија дека во првата фаза (пилот проектот) ќе се организира натпревар помеѓу ученици од САД, Канада, Бразил и Кина. Натпреварот ќе почне во јуни годинава и ќе трае два месеца. Претходно од страна на компанијата ќе се обучат советниците во БРО за запознавање и ракување со апликацијата. Учениците во овие два месеца додека трае натпреварот ќе бидат онлајн поврзани едни со други при што ќе се формираат заеднички тимови со учениците од сите пет земји и заедно ќе се натпреваруваат со другите тимови. Пилот-програмата треба да обезбеди основа и податоци за успешноста за анализата за евентуално проширување во сите основни и средни училиштата. Таа ќе биде бесплатна за учениците од пилот проектот.

„Со овој меморандум Министерството за образование и наука добива двегодишен бесплатен пристап на програмата од страна на компанијата со што сите ученици, наставници и родители можат да имат пристап до апликацијата и да ги следат нивните ученици или деца, како напредуваат како со Англискиот јазик така и со претприемничките вештини. Преку системот за управување со апликацијата Министерството, училиштата и родителите во реално време ќе бидат известени за оценуваањето и евентуалните проблеми на учениците“, изјави министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.