Македонски студенти се борат за главната награда на натпревар на НАСА

Тим од пет македонски студенти се борат за главната награда на интернационален натпревар организиран од НАСА, во кој учествуваат над 100 земји ширум светот. Станува збор за натпреварот  Nasa Space Apps Challenge 2014, кој оваа година по вторпат беше организиран во Македонија  и предизвика голем интерес меѓу младите технолози, научници, програмери, дизајнери, претприемачи и студенти кои земаа учество во предизвикот.

Македонски студенти се борат за главната награда на натпревар на НАСА

Од вкупно 30 пријавени тимови од земјава, само два ќе имаат можност да се претстават на глобално ниво, а меѓу нив е тимот  Декауне (DECAone) кој е избран од страна на јавноста, во таканаречената People’s Choice категорија. Победничкиот тим ќе добие специјална привилегија да ги посетите канцелариите и седиштето на НАСА во Америка, но исто така и да присуствува на историски момент на лансирање на ракета.

„Во овој момент ни е најпотребна поддршката затоа што само доколку добиеме најмногу гласови ќе можеме да го посетиме седиштето на НАСА во Америка и да бидеме сведоци на лансирање на ракета во живо. Ова претставува голем успех за нас младите, но исто така и за нашата земја, затоа што докажуваме дека и Македонија има многу талентирани млади инженери и научници кои можат да работат на предизвиците на НАСА, “ изјави Јован Андонов, член на тимот кој заедно со Артан Рамани, Суад Саљиу, Висар Зејнулаху и Блерант Рамадани се дел од Декауне и ја претставуваат Македонија на овој интернационален натпревар.

За поддршка на македонскиот тим на интернационалиот натпревар на НАСА треба да се кликне на овој ЛИНК  и да се сподели гласот преку Твитер, се наведува во соопштението од тимот, а гласањето трае до петти мај. Во моментов за наградата на #SpaceApps покрај #DECAone  се борат и тимовите #spacehelmet, #GravMaps #botrover #CuriousBot.