Македонски студенти по архитектура живееја, учеа и работеа со врсници и професионалци од цел свет во Швајцарија

Во алпското туристичко село Виларс сур Олон во Швајцарија, 500 студенти по архитектура од целиот свет, меѓу кои и од Северна Македонија, минатиот месец учествуваа во бројни работилници одржани од професионалци. На алтернативен начин се запознаваа со нивната струка, но истовремено формираа утописка заедница каде живееја и работеа заедно.

Организатор на настанот беше Европската асоцијација на студенти по архитектура (European Architecture Students Assembly), каде членуваат и македонските студенти. Традицијата на настанот започнува уште во 1981 година. Секое лето се одржува во различна држава и трае две недели.

Идејата е да се даде алтернативен начин на учење архитектура преку работилниците и предавањата. Во 2018 година, ист ваков настан се одржа во Ријека, Хрватска, со темата „RE:EASA“, а годинава темата беше „Tourist?“. Студентите ја раздлабочуваа проблематиката и комплексноста на туризамот според архитектонскиот и социјален контекст, на глобално и на локално ниво, во селото.

ЕАСА всушност претставува платформа за културна и образовна размена која ги поврзува студентите по архитектура од сите европски држави, а во последните години и од целиот свет. Таа не постои како легитимно меѓународно тело и нема главен координатор, туку претставува мрежа изградена од еднакви претставници од целиот континент – се организира од студенти за студенти.

Секоја земја е претставена од тим чии членови постојано се менуваат низ годините. Сегашниот тим на ЕАСА Македонија се состои од: Ирена Милојеска, Христина Секулоска, Александар Балдазарски, Вероника Османли, Андреј Дојчиновски, Ива Јованова и Дарко Мојсоски, придружени од Александра Костадиновска како официјален фотограф.

Тие годинава беа избрани да ја организираат ткн. Интермедијална средба на националните контакти – уште еден настан на ЕАСА заедницата кој се одржува од 1985 година секоја есен, во различни држави и трае 10 дена.

„Разгледувајќи ги понудените предлози, младите архитекти дискутираат за современите текови на архитектурата во светот и се обидуваат да дадат одговори и решенија на актуелни прашања и проблеми“, објаснуваат од ЕАСА Македонија.

На последниот ваков настан, кој се одржа на планината Витоша во Бугарија, македонскиот тим се претстави со темата „Јато“ покрај тимовите на Латвија, Малта и Турција. Нивниот предлог беше избран за најдобар и најсоодветен со што станаа организатори на следниот настан кој треба да се одржи во октомври.

„Темата „Јато“ ја користиме како метафора за ЕАСА заедницата, која ја поистоветуваме со јато од студенти и млади архитекти кое постојано мигрира на различни места, привремено населувајќи ги и влијаејќи врз нив. Во 2019 година, јатото својот дом ќе го најде во село Трпејца, Охридско, целосно интегрирајќи се во локалната заедница“, појаснуваат од ЕАСА Македонија за Радио МОФ.

Идејата е бројката од околу 160 учесници да бидат сместени во што е можно повеќе куќи низ целото село, претворајќи ја Трпејца во привремено „ЕАСА село“, велат тие.

„Преку организирањето на овој настан, нашата цел е да го покажеме потенцијалот и способноста на македонските студенти да имаат активно учество и еднаков придонес кон меѓународни мрежи како ЕАСА, притоа претставувајќи ја нашата земја со нејзините културни, архитектонски, историски и традиционални обележја, за кои веќе се појавил интерес меѓу добар дел од учесниците“, посочуваат од Асоцијацијата.

За настанот се подготвуваат веќе 10 месеци и ги повикуваат за поддршка сите кои сметаат дека на било каков начин можат да придонесат кон негово успешно реализирање.

Фото: Александра Костадиновска

Емилија Петреска