Македонски студенти-градежници освоија меѓународен натпревар во Хрватска

Студентите на Градежниот факултет во Скопје Ангела Златеска и Дамјан Денковски и нивните партнери од Градежниот факултет во Букурешт освоија прво место на Меѓународната летна конференција на студенти по градежништво (ISUCCES), што се организира на Градежниот факултет во Осијек, Хрватска.

[Видео] Прво место за македонски студенти на меѓународен натпревар во Осијек

Благодарение на осмислената базната изолација, по спроведените тестирања на сите модели, како најотпорна и неоштетена од земјотреси се покажа конструкцијата на Ангела и на Дамјан.

На оваа конференција беа презентирани трудови кои студентите ги имаат направено во соработка со наставен кадар од матичниот факултет, а потоа и изработуваат модели на конструкции во помал размер од дрвени елементи кои ги испитуваат на земјотрес.

Настанот се одржа во периодот од 7 до 12 јули, а покрај македонскиот, претставници имаа и градежните факултети од Хрватска, Албанија, Турција и од Романија. Притоа, студентите Ангела Златеска и Дамјан Денковски, заедно со Јован Бр. Папиќ, изработија реферат на тема Appropriate (re)designing of retaining walls according to Eurocode 7 во кој беа објаснети понудените пристапи за димензионирање според EC7.

Студентите Филип Наневски и Гоце Велески, чии ментори беа Бојан Сусинов и Сеад Абази, пак, подготвија труд со наслов Static Load Testing of Shallow Foundation on Improved Soft Soil. Во него беа презентирани можностите за подобрување на почвите со цел да се достигне подобра носивост, а во продолжение беа дадени и резултатите од подобрување добиени преку истражување извршено на ГФ.

Всушност, најголемиот дел од конференцијата е резервиран за изработката на моделите. Тие беа проектирани од секој тим пред почетокот на конференцијата и целта е да бидат најиздржливи на земјотрес.

Но, покрај тоа, треба да задоволат и низа други критериуми: најмала потрошувачка на материјал за изработка, максимална висина, корисен простор и т.н. За изработка на моделите тимовите имаа четири дена, и тоа од само неколку дозволени материјали, а потоа истата беше тестирана на плочата за симулации на потреси, на три карактеристични земјотреси: Ел Центро, Нортриџ и Бања Лука.

Погледнете го завршното испитување на победничкиот модел: