Македонски средношколци на размена во детско село во Швајцарија

Ученици од пет средни училишта (од Охрид, Струга, Гостивар, Штип и Битола) годинава учествуваат во седмата интеркултурна размена во Детското село Песталоци во Троген, Швајцарија.

Учениците секој ден имаат активности од 9 до 17 часот, со кои добиваат знаења за принципите на меѓукултурниот дијалог и комуникација, толеранција и различни вредности помеѓу децата и младите со различните култури.

Покрај тоа, имаат можност да посетат и повеќе знаменитости од Швајцарија. Викендов биле во Цирих и ќе ги посетат Технорама, водопадите на Рајна и градот Луцерн.

Размената почна на 13-ти април и ја организира Коалицијата на младински организации СЕГА, во соработка со Детската фондација Песталоци (Pestalozzi Children’s Foundation).

– Преку овој интеркултурен камп во Троген очекуваме учениците да се стекнат со нови способности, да ги прошират своите видици и да се оспособат да преземат одговорност за самите себе но и за другите, што позитивно ќе влијае врз нивниот понатамошен развој. Исто така, се надеваме дека стекнатите знаења ќе ги споделат со нивните соученици со цел промовирање на интеркултурно заедничко живеење во нивните заедници, изјави Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата СЕГА.

Интеркултурната размена во Детското село Песталоци – Троген е дел од соработката помеѓу Коалицијата на младински организации СЕГА и Детската фондација Песталоци во областа на интеркултурното образование.

Коалицијата ја сочинуваат 27 членки. Во последните години на оваа интеркултурна размена учествувале 240 ученици од 10 основни и 10 средни училишта од повеќе градови низ Македонија.