Македонски олимпијци ќе учествуваат на Олимписките игри за глуви

Пет спортисти од Националната спортска федерација на глуви ќе бидат учесници на 23-те Олимписки игри за глуви. Игрите ќе се одржат во Самсун, Турција, од 18 до 30 јули.

Македонски претставници за Олимпијадата ќе бидат: Андријана Грковска (стрелаштво, дисциплина 10м воздушен пиштол и знаменосец на македонското знаме), Светлан Седмаков (воздушен пиштол 10м), Андреј Стојаноски (пливање, дисциплини 400м слободно, 400м мешано, 1500м), Давор Талевски и Самир Цеховиќ (атлетика, дисциплина 100м и 200м).

Тие денеска имаа средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски каде побарале подобрување на условите во кои спортуваат спортистите, како и поддршка за организација на сезонски кампови и турнири кои ќе бидат начин за континуиран напредок на овие спортисти. На средбата се зборувало и за започнување на кампања која ќе ги привлече младите спортски таленти со овој тип на попреченост, за полесна социјализација во општеството и поголем придонес во македонскиот спорт.