Македонски млади режисери учествуваат на Four River Film Festival во Хрватска

Втора година по ред Македонија ќе учествува на Four River Film Festival кој се одржува од денеска до 27 јуни во Карловац, Хрватска, јавува МИА.

На фестивалот посветен на млади режисери и вљубеници во филмот ќе учествуваат четворица тинејџери како претставници од Македонија: Анастасија Бошкоска, Лидија Јовановска, Софија Синадиновска и Кристијан Јанкулоски.

Токму едноминутниот филм „Убиец на планетата“ на Лидија Јовановска, ученичка во скопската гимназија „Георги Димитров“ ќе биде прикажан во главната конкуренција на фестивалот во Карловац, соопшти Агенцијата за филм на Македонија.

Џифони Македонија во соработка со Агенцијата за филм на Македонија ќе организираат и вечер „Фокус на Македонија“ на која ќе бидат прикажани три краткометражни филмови, меѓу кои: „Бардо“ на Марија Апчевска, „Материјал за аудиција“ во режија на Ѓорче Ставрески и „Човекот со чудна навика да ме мава со чадорот по глава“ на Вардан Тозија.

За време на фестивалот, тимот на Џифони Македонија ќе одржи и две работилници, едната за едноминутни филмови а другата за фото-есеј.