Македонски јавен сектор: Највозрасните работат информатика, најмладите делат правда

Бројот на вработени во јавниот сектор изнесува 139.009 согласно состојбата до 31 декември 2017 година, изјави денеска на пресконференција Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, презентирајќи го Годишниот извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор.

Доколку оваа бројка се спореди со бројот на вработени според Државниот завод за статистика, тоа значи дека 18,65%, или скоро секој петти вработен во Македонија е на товар на Буџетот на Република Македонија.

Доколку се исклучат привремено вработените и вработените во акционерските друштва во државна сопственост, кои во извештајот немаат статус на вработени во јавниот сектор, вкрстените податоци на Министерството за информатичко општество и администрација, Агенцијата за вработување, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување, покажуваат дека јавниот сектор на Македонија има вработени 128.722 лица во вкупно 1.299 институции.

Од структурната анализа за вработените во јавниот сектор во Извештајот исклучени се 19.418 лица вработени во Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за разузнавање.

А, еден од најчудните податоци во структурната анализа е оној од старосната структура на вработените во јавниот сектор. Просечно најголема возраст имаат вработените во дејноста информатичко општество (50,63 години), додека најмлади се вработените во службите на Претседателот на државата (38,09), јавните обвинителства (39,29) и дејноста правда (41,8 години).

Во поглед на образованието во јавниот сектор има 1,89% доктори на науки, 4,45% магистри, 42,45% од вработените се со високо, 5,22% со вишо, 34,81% со средно, а 9,67% се со основно образование.

54% во јавниот сектор се жени, а 46% мажи. Жените се најзастапени во јавните обвинителства и јавните установи, додека мажите се најзастапени во јавните претпријатија и во институции од дејноста животна средина. Просечната возраст на жените вработени во јавниот сектор е 45.14 години, додека на мажите е 46.67 години.

Според етничката припадност Македонци има 75,36%, Албанци 19,31%, Турци 1,84%, Роми 1,14%, Срби 0,91%, Бошњаци 0,39% и Власи 0,37%.

Во споредба со бројките од крајот на 2016 година, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 951 лице и по повеќе децении се забележани надолни трендови во вкупниот број на вработени во јавниот сектор. Манчевски посочи дека причина за оваа помала бројка е природниот одлив, или преку пензионирање, или преку одлив во приватен сектор и дека вработувањата се вршат врз основа на потребите на институциите, а не преку партиските потреби.

Даниел Евросимоски