Македонски иноватори бараат поддршка за да победат на натпревар на НАСА

Филип Димитровски, Костадин Лазаров, Дарко Тодоровски и Филип Макрадули се тројца средношколци и еден студент на ФИНКИ, кои се пласираа меѓу најдобрите 25 тимови на Space App предизвикот на НАСА. Доколку победат, тие ќе присуствуваат на лансирањето на ракета на Флорида, а нивната идеја за лесно управување со дронови ќе се реализира.

NASA Space Apps Challenge е светски хакатон каде „обични луѓе“ имаат можност да решаваат предизвици, односно проблеми поставени од НАСА, вели Макрадули. Има голем број на тимови од повеќе локации од целиот свет, а оваа година биле направени 1287 проекти од сите локации заедно. Секој тим одбира еден предизвик кој припаѓа на одедена категорија и потоа има 48 часа да најде решение на тој проблем и потоа да го презентира.

„Ние одбравме предизвик од категоријата Аеронаутика. Предизвикот се вика „Don’t crash my drone“. Целта на предизвикот беше да им се овозможи на корисниците на дронови во домашни услови да можат да летаат и да си „играат“ со дроновите, но на многу лесен начин и без страв дека ќе го срушат или скршат својот дрон“, објаснува Макрадули.

Тие дошле до идеја дека нивното решение треба да биде за секого – односно дека секој да може да лета дрон. Затоа, покрај обична апликација за Андроид, имплементирале и алка за рака која го движи дронот според движењето на раката. Исто така, алката има известувања за забранети зони за летање и параметри за одредени климатски услови.

Решението на тимот Avis е избрано во топ 25 тимови од светот и потребно е да собираат гласови секој ден за да бидат прво место.

„Има две фази на гласање, едната до 15-ти мај кога треба да влеземе во топ 5 тимови (сега сме втори) но потоа од 15-ти мај до 21-ви мај, мора да сме први. Гласови има, но треба повеќе. Процесот на гласање е малку посложен, бидејќи треба да се направи профил и потоа да се гласа. Во овие моменти заостануваме зад лидерите од Украина и многу ни е важна помошта од Македонија. Премногу би ни значело да ја претставуваме Македонија пред НАСА“, вели Макрадули.

Може да се гласа на секои 24 часа , на следниов директен линк. Објаснување за постапката на гласање може да најдете овде.

Макрадули вели дека не е невозможно македонски иноватори и инженери да ги претставуваат своите идеи низ светот. Смета дека е потребен добар тим, иницијатива и помош.

„Затоа, за да дадеме пример и за идните генерации, а и за сите Македонци кои сметаат дека не се доволно добри за НАСА, помогнете ни да го освоиме првото место со што ќе отпатуваме во НАСА Кенеди центарот во Флорида и ќе гледаме лансирање на ракета. Вашата помош е драгоцена“, апелира Макрадули.

За крај, тој додава и дека тој и неговите колеги од тимот планираат да се бават со ова и професионално, и заедно како тим да работат на повеќе иновативни проекти и надвор од овој натпревар.

Стефанија Тенекеџиева