Македонски филм на „Кустендорф“

Анимираниот филм „Кружно патување на монахот” во режија на Жарко Иванов е во официјалната селекција на филмскиот фестивал „Кустендорф”. Ова е 12-то издание на фестивалот чиј директор и селектор е Емир Кустурица.

Од вкупно пристигнати над 700 филмови, во официјалната конкуренција за награди ќе се натпреваруваат 21 филм. На изминатите изданија на фестивалот специјални гости биле Џони Деп, Моника Белучи, Никита Михалков, Паоло Сорентино, Ким Ки Дук, Абел Ферара. Годинава специјален гостин на фестивалот ќе биде холивудската ѕвезда Мет Дилон.

„Кружно патување на монахот” е приказна за млад осамен монах кој црта фрески во манастирот Заум во Охрид, и по прикажувањето на најголемиот светски фестивал за анимиран филм во Хирошима, до сега е прикажан на 25 меѓународни фестивали и со освоени 6 награди.

Сценаристи на филмот се Жарко Иванов и Александар Прокопиев, директор на анимација Крсте Господиновски, музика Оливер Јосифовски и Љубојна, во продукција на Флип Бук, финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РМ.