Македонски фанови на англиската фудбалска група „Манчестер Јунајтед“ се понудија да помогнат за сместување на гостите од Англија што имале некаков проблем со сместувањето за време на Супер купот, кој треба да се одржи на 8 август. Тие информираат за голем број неоправдано откажани резервации, за како што велат, сместувачките капацитети да останат слободни и да бидат понудени со далеку повисока цена.
„Поради тоа што живееме во прилично мизерно општество кое сака да заработи брзи и лесни пари соочени сме со голем проблем кој ги засега сите странски фанови на Манчестер Јунајтед кои сакаат да допатуваат за Супер Купот“, напишаа фановите на нивната официјална Фејсбук страница.
„Еден куп навивачи од Англија останаа без смештај откако им беше откажан од страна на самите хотели или приватни изнајмувачи. Голема група на навивачи од Словенија ја имаат истата судбина каде резервации направени пред подолг период, пред некој ден без објаснување им се откажани. Во двата сличаи, собите од веќе наредниот ден се “продаваат” по 10-20 пати повисоки цени“, велат фановите.
Дел од гостите решиле да преспијат во соседните држави, а ќе дојдат само за натпреварот.
„Доколку некој од вас има простор да прими некој од гостите (дали за без пари од култура или по пониска НОРМАЛНА цена), или има можност да помогне на било кој начин (превоз или слично) ве молиме исконтактирајте не. Да и го обелиме образот на земјава, бидејќи не сме сите иста мизерија“, повикаа фановите.
Тие велат дека на нивниот повик постојано се приклучуваат нови фанови за да помогнат, но и за да пријават случај за откажани или проблематични резервации. Оттаму очекуваат дека на самиот ден на пристигнувањето ќе има поголеми проблеми.
„Денеска имавме случај кој во целост ќе ви го пренесеме за да ја доловиме ситуацијата со која се соочуваат.
Имено, наш пријател од Англија, верен фан на клубот, навивач со сезонска карта од Олд Трафорд сака да го следи Манчестер Јунајтед во Скопје. Неколку дена по триумфот на „црвените ѓаволи“ во Стокхолм тој резервирал сместување во еден македонски хотел (нема да го именуваме) по нормална, регуларна цена и се надевал дека со тоа ја завршил работата во однос на неговиот престој во Скопје. Пред точно две недели, добил меил во кој го известуваат дека хотелот е поплавен и нема да работи во следните месеци при што го замолуваат да ја откаже резервацијата. Нашиот пријател многу мудро проверува на интернет дали има повеќе информации во однос на поплавата која го затекнала хотелот, но тој не доаѓа до таква информација и согледува дека тие сè уште прават резервации за многу поголеми суми за датумите кога е европскиот Супер Куп. Тој им враќа повратен меил дека нема намера да ја откаже резервацијата и дека мора да го испочитуваат договорот, со што добива повратен одговор дека тој никако не им помага на нив со што не ја откажува резервацијата. Практично, тие не можат да ја откажат неговата резервација и го замолуваат него тој тоа да го стори сам со што ќе можат да ја понудат истата соба за многу поголема сума.
Денеска, по молба на нашиот пријател кој е загрижен за неговото сместување го посетивме хотелот да се увериме во информациите дали навистина е поплавен, дали работи и дали сè уште постои неговата резервација. Хотелот работеше, беше во нормална состојба и прашавме дали може да ни ја потврдат, односно само да ни пренесат дали постои неговата резервација. Рецепционерката беше прилично услужлива иако беше затекната од информациите што ги знаеме, додека менаџерот/сопственикот го слушаше нашиот муабет со неа и веднаш гневно се вмеша. Тој потенцираше прво дека тој требал да си ја плати собата, не требал воопшто да се интересира за дополнителни информации преку нас и дека можеле тие кога сакаат да му ја откажат резервацијата. Рецепционерката навидум прибрана се обиде со објаснување да го одбрани неговиот став со што кажа дека хотелот не е поплавен, тие не контактираат со нивните гости и можеби веб сајтот преку кој е направена резервацијата пренесува дезинформации. На тоа само повторно се вмеша господинот кој се заплетка во лагата со што дрско одговори дека хотелот бил поплавен и нема зошто ние да се интересираме со што ние вративме дека се работи само за наш пријател кој се грижи за својата резервација. Тој остана без зборови и повторно почна да ги повторува истите работи што ги кажа и дрско ни посочи дека тие што сакаат може да прават и да не прашуваме глупости кои не се точни, за кои ние впрочем имаме докази. На крајот, со господинот конверзацијата заврши така што не можевме да се разбереме, дури беше лут зошто се интересираме и сигурно да останевме уште некоја минута пак гневно ќе се однесуваше, додека рецепционерката ни потврди дека постои таа резервација.
На крај, нашиот пријател има договор со нив кој тие мораат да го испочитуваат иако се обидуваат да ја откаже резервацијата за да ја понудат собата за да се здобијат со максимален профит. Во спротивно сето ова ќе заврши со тужба и голема приказна која ќе го згасен хотелот. Со ваква услуга и катастрофална слика која ја оставаме на туристите, најверојатно никогаш повеќе нема да ни доделат да организираме настан од ваков калибар. Наместо да стимулираме поголеми посети во иднина, ние само ја влошуваме сликата за Македонија“, се вели во една од реакциите.
„Ова е само еден случај од многуте во кои е направен обид да се направи профит, а да не говориме за сите оние на кои наеднаш им е пренесено дека собата поскапела и сега ако сакаат да претстојуваат мораат да платат астрономски суми. Во соработка со сите Manchesterismyheaven.com ќе помогнеме на секој на кој му е потребна било каква помош во Скопје, зошто еден ден и ние ќе се најдеме во ситуација кога ќе сакаме да го гледаме нашиот македонски тим во друга земја или пак да го следиме Манчестер Јунајтед во Англија. Спортот ги обединува сите и може да ја преброди секоја пречка“, вели друга група која се приклучи на повикот на фан-клубот на Манчестер Јунајтед во Македонија.