Македонски дебатери влегоа во осминафиналето на меѓународниот турнир „Heart of Europe“

Средношколките дебатерки Калина Прелиќ, Соња Митиќ и Кристина Маџовска минатата недела се пласираа во осминафиналето на меѓународниот дебатен турнир „Heart of Europe“. Ова е еден од најголемите европски дебатни турнири, кој годинава се одржа од 9 до 14 јули во градот Оломуц во Чешка.

Младинскиот образовен форум и Македонија беа претставени турнирот од  тимот составен од Калина Прелиќ, Соња Митиќ и Кристина Маџовска, кои во Чешка отпатуваа како победнички на годинешното Националното дебатно првенство на Македонија. Како дебатен тренер, на турнирот во Чешка ги придружуваше Петар Ивановски. На овој натпревар учествуваа 30 тимови од целиот свет: Канада, Јужноафриканската Република, Данска, Шведска, Тајланд, Соединетите Американски Држави, Романија…

Турнирот се состоеше од осум прелиминарни рунди, осминафинале, полуфинале и финале. Нашите дебатери прелиминарните рунди ги завршија со пет победи и три порази и со тоа се најдоа на деветтото место и обезбедија пласман во осминафиналето, каде се сретнаа со тимот од Данска.

Македонски дебатери влегоа во осминафиналето на меѓународниот турнир „Heart of Europe“

Покрај тимот како наш претставник на турнирот го имавме и Петар Ивановски како член на панелот од тројца главни судии на турнирот. Во финалето на турнирот се сретнаа двата најдобри тима: „Канада Блу“ и „Канада Вест“ каде како победник, со одлука 9-2, беше прогласен тимот на Канада Блу.

Тезите на овој турнир кои што се дебатираа во прелиминарните рунди беа:
1.„ Овој дом верува дека меѓународна воена интервенција против Боко Харам е оправдана без разлика на погледите на Нигериската влада. “
2.„ Овој дом верува дека нормализацијата на односите повеѓу САД и Куба ќе резултираат со суштинско подобрување на цивилните права во Куба. “
3. „Овој дом верува дека сексуално наметливите женски поп-ѕвезди кои се идентификуваат како феминистки се штетни за феминизмот.“
4. „Овој дом верува дека Евроазиската економска унија ќе биде закана за Европската унија во иднината.“

Финалната дебата на овој турнир се дебатираше на тезата:

„Овој дом верува дека помошта за развој на Европската Унија треба примарно да биде фокусирана кон образованието.“

Покрај големиот успех што нашите дебатерки го постигнаа со пласманот во осминафиналето, значајно е да се спомене дека на индивидуално ниво, во конкуренција од 110 дебатери сите три котираа во горната половина на листата на најдобри индивидуални говорници на турнирот.