Македонски цртани ќе се емитуваат на ТВ канали во Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина

Најголемиот регионален диструбутер на детски лиценци, хрватската компанија „Талент Шоу“, ги откупи правата за емитување на содржината од „Светот на Биби“ за териториите на Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, соопштија од „Светот на Биби“.

Од следната година, децата во Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина ќе можат да ги гледаат македонските цртани во кои се прикажани авантурите на Биби на најгледаните телевизиски канали.

„`Талент Шоу` отсекогаш се труди да обезбеди квалитет во светот на лиценцираните анимирани детски серии. Оваа соработка покрај квалитетот кој го нуди ни овозможува да изградиме платформа која ќе биде извор на знаење, возбудливи искуства и прекрасни откритија. За нас, влегувањето во „Светот на Биби“ е можност да ги едуцираме децата низ различни теми на начин што ќе ги заинтригира и забавува. Заедно со „Светот на Биби“, кој ја споделува нашата страст за едукативни содржини кои се безвременски, ќе создадеме уникатна, информативна и забавна содржина што ќе им овозможи на нашите најмлади да истражуваат и истовремено да се забавуваат. Ова е само почеток на едно возбудливо патување, ќе зачекориме во „Светот на Биби“ со нова енергија, ентузијазам и креативност“, вели Маја Клајниќ, маркетинг менаџер во „Талент Шоу“.

Од страна на „Светот на Биби“, оваа соработка исто така претставува уште една потврда за квалитетот на содржината и производите кои ги нуди.

„Продолжуваме и понатаму со нашата мисија преку нашата содржина да образуваме и забавуваме. Искуството и професионалноста на „Талент Шоу“ придружувани од нашиот креативен тим ќе донесат свежина во делот на регионалната детска телевизиска содржина. Оваа соработка доаѓа во период кога „Светот на Биби“ се подготвува за најголемиот саем за брендови и лиценци што ќе се одржи во Лондон на почетокот на месец октомври, како единствен бренд од регионот“, велат од компанијата која стои зад популарниот цртан лик.

„Светот на Биби“ е достапен и на српски јазик преку издавачот „Лагуна“, обезбедувајќи голем избор од производи на српски јазик. Паралелно се работи и на албанската верзија на „Сказните на Биби“, која е поддржана од Фондот за иновации.