Македонски автори на интернационалниот фестивал „Паратисима Торино“

Десет македонски уметници се претставија со своите дела на 10. издание на интернационалниот фестивал за современа уметност Паратисима Торино во Италија, пренесе МИА.

Борче Богоевски, Ана Лазаревска, Ненад Тонкин, Александар Дудески (Творница), Калина Брајковска, Драган Христов (Лудус), Николина Симовска (Џаст Бикоз/Just Because), Маја Кировска, Горан Менков, Ленче Андонова и Бојан Ивановски учествуваа со свои дела во уметничката поставка на Паратисима Торино но, и во секциите посветени на дизајн и моден дизајн.

Фестивалот на кој учествуваа 600 уметници, се одржа од 5 до 9 ноември на локацијата Торино Еспозициони (Torino Esposizioni).

Авторите од Македонија беа селектирани меѓу 90 учесници на првото издание на саемот за современа уметност Паратисима Скопје што се одржа од 13 до 15 јуни во Младинскиот културен центар.

За гостувањето на селектираните автори се погрижи здружението „Континео 2020“ од Скопје во соработка со асоцијацијата “Ylda“ од Торино. Соработката помеѓу Скопје и Торино продолжува кон второто издание на саемот за современа уметност Паратисима Скопје во 2015 година.