Македонската радио телевизија почнува со емитување на четири нови телевизиски канали

Македонската радио телевизија (МРТ) деновиве ќе почне со емитување на четири нови телевизиски канали, и тоа „МТВ 2“ 24 часовен канал на албански јазик, „МТВ3“ канал за спорт и забава, „МТВ4“ канал за останатите етнички заедници и документарна програма и „МТВ5“ специјализиран канал за детска програма.

Прв канал што ќе почне да емитува програма, информираат оттаму, е „МТВ 5“ кој ќе започне на 8 април со почеток во 16 часот, а втор ќе биде „МТВ 3“ кој ќе започне да емитува програма на 10 април со почеток исто во 16 часот. Останатите два телевизиски канали ќе започнат со работа на 16 април, а датумот, како што посочуваат од МРТ, е земен заради јубилејот којшто го одбележува програмата на албански јазик.

„Во овој период можеби е најзначајно отворањето на детскиот канал каде што ќе понудиме повеќе образовна и едукативна програма за учениците. Исто така, со зголемување на обемот на програмата на албански јазик, како и каналот за останатите етнички заедници ќе се отвори можност што поголем број на програми да се емитуваат на јазиците на нашите верни гледачи“, велат од МРТ.

Новите телевизиски канали, посочуваат оттаму, ќе бидат бесплатно достапни за сите граѓани во државава, и тоа преку терестријалната мрежа и преку платформите на сите оператори на програми.

Како што информираат од МРТ, гледачите кои ги следат нивните програми преку „DVB-T“ мрежата на ЈП МРД, односно го примаат сигналот со антена, за да ги гледаат новите канали треба да ги прескенираат програмите на ТВ приемниците или на Сет-топ бокс уредите.

„Гледачите кои ги следат програмите на Македонската радио телевизија преку кабелските оператори А1 и Телекабел, ќе можат да ги гледаат новите канали откако ќе ги прескенираат своите ТВ приемници или Сет-топ бокс уредите. Корисниците на Македонски телеком, без никаква интервенција, ќе ја добијат можноста да го следат Детскиот канал – МРТ 5 и Спортско-забавниот канал МРТ 3 во СД резолуција на каналите 6 и на 8, а во ХД резолуција на каналите 711 и 712. За редоследот на останатите два телевизиски канали дополнително ќе ја известиме јавноста“, посочуваат од МРТ.

Од МРТ повикаа да се почитуваат препораките, за како што велат, да се заштитиме себеси и своите најблиски, и ги поканија граѓаните да ги следат нивните програми и да останат дома.