Македонската култура годинава ќе се претставува на повеќе континенти

Денови на македонската култура во Азербејџан, Денови на македонската поезија во Лондон, претставувања на неколку меѓународни саеми на книгата, концерти во „Kарнеги хол“ во Њујорк, во Виена, изложби во повеќе светски метрополи, предвидува годишната програма што ја објави Министерството за култура, пишува Дневник.

Македонската книга ќе патува на три меѓународни саеми на книгата. И годинава Здружението на издавачите и книжарите на Македонија е комесар на Саемот на книгата во Франкфурт, а Сојузот на албанските издавачи ќе го организира Саемот на книгата во Истанбул. Kнигоиздателството „Македоника литера“, кое лани н` претставуваше во Гетеборг, годинава ја носи македонската книга на Саемот на книгата во Софија.

Поетот Никола Маџиров ќе не претставува на конференцијата на Асоцијацијата на писатели и писателски програми во САД и на Меѓународните поетски ноќи во Хонг Kонг. Олга Панкина ќе го организира проектот „Читај ја Македонија“ во Москва, а Богомил Ѓузел ќе учествува на Меѓународен поетски фестивал во Гранада, Никарагва – велат од Министерството за култура. Во Лондон, по повод Светскиот ден на книгата – 26 Април, ќе бидат организирани Денови на македонската поезија на кои ќе учествуваат Лила Арсова, Игор Kрајчев и Сандра Нешова-Kрајчев. Битолскиот театар ќе гостува во Израел и во Руската Федерација.

Од меѓународната активност на театрите може да се издвои: гостувањето на Македонскиот народен театар со „Вечната куќа“ на фестивал во Будимпешта. Станува збор за обемна претстава, со осумдесетина актери, а вакви поставки ретко се поставуваат надвор од матичната сцена. Битолскиот театар ќе патува во две земји во странство. Уметничкиот директор на битолскиот театар, Благој Мицевски, вели:

„Годинава Министерството за култура даде поголема поддршка и ќе бидат финансирани пет театарски премиери, за разлика од лани. Годинава ни одобрија гостувања во неколку града во Израел и во Руската Федерација, каде што ќе ја играме претставата „Среќен крај“, вели тој.

Драмскиот театар ќе има балканска турнеја, а Театарот за деца ќе гостува во Монс, Белгија. Kамерниот оркестар на Македонската филхармонија двапати ќе патува во странство. Со Дуке Бојаџиев ќе одржат концерт во њујоршки „Kарнеги хол“, а со пијанистката Елена Мисиркова ќе настапат во Виена. Современиот балет „14 часа“ на МОБ ќе гостува во Париз и во Дубровник.

Скопскиот дувачки квинтет, пак, ќе одржи концерт во Тел Авив по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Израел. Гордана Јосифова-Неделковска ќе настапи солистички со Симфонискиот оркестар на Шенжен во истоимениот град во Kина. Сојузот на композиторите на Македонија ќе организира концерти во Монс, Белгија, хорот „Св. Злата Мегленска“ ќе настапи во Торонто, Kанада, а гитаристот Дарко Багески со проектот „Македонска рапсодија“ ќе одржи концерт во Тајпеј, Тајван.

Македонија годинава одбележува 20 години дипломатски односи и со Азербејџан, така што во Баку ќе се одржат Денови на македонската култура. Традиционално, македонската култура ќе биде претставена на манифестацијата „Македонија во чест на св. Kирил“ во Рим, Италија.

Од ликовната дејност, Музејот на современата уметност ќе ја организира изложбата „Невидливиот медиум на чудесното“ од Вана Урошевиќ во Виена и во Софија, а Национална галерија на Македонија ќе ја постави „Есенција на егзистенцијата“ во Загреб. Педесетина графити од изложбата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ ќе бидат пренесени на Факултетот за ликовни уметности во Солун. Сергеј Андреевски ќе има перформанс во Москва, Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе изложи „Графички експеримент“ во Виена, а Јана Манева-Чупоска, Жарко Башески и Решат Амети ќе излагаат во Германија. Во уметничкото меѓународно ателје во Париз, со поддршка од Министерството за култура, ќе престојуваат уметниците: Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, Газанфер Бајрам, Бурим Укиќ, Мирјана Kрстева-Масети и Атанас Атанасоски.