Македонската граница вчера отворена за 179 Сиријци и Ирачани

Во текот на вчерашниот ден издадени биле потврди на вкупно 179 странски државјани, од кои 58 од машки и 41 од женски пол, како и на 78 деца со придружба, како и две деца без придружба на родител, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, соопшти МВР.

Според државјанството, издадени се потврди на 150 државјани на Сирија и 29 државјани на Ирак, додека нема издадено потврди на државјани на Авганистан.

Според статистиката на МВР, од почетокот на годината потврди за искажана намера за признавање на право на азил добиле 88.823 странски државјани, од кои 35.160 се од машки пол, 19.412 се од женски и 34.029 се деца со придружник, како и 222 деца кои патувале без родител. Најбројни се државјаните на Сирија 44.036, Авганистан 26.546 и Ирак 18.238 лица.

До Секторот за азил пак, во текот на 2016 година, барање за признавање на право на азил поднеле 29 лица од кои 22 Сиријци и 7 Авганистанци, соопштија од МВР.

И утрово македонско-грчката граница останува речиси затворена за пропуст на бегалци. Од грчка страна на границата, во кампот Идомени, за влез во Македонија и продолжување на патот кон западноевропските држави чекаат повеќе од 10 000 бегалци.