Македонската филхармонија ќе го одржи првиот концерт годинава на Божиќ

Македонската филхармонија ќе го одржи првиот концерт оваа година на Божиќ, а на концертот ќе бидат изведени композиции од Јохан Себастијан Бах: „Синфониа“ од „Божиќниот ораториум“ и неговата позната „Оркестарска свита бр.3“, како и „Божиќниот концерт“ на Корели. Публиката ќе има можност да слушне и арии од Хендл, а за првпат ќе биде изведена и „Лаудате доминум“ од Моцарт.

Како солист ќе настапи македонската оперска певица, сопранот Сандра Митровска, а диригент ќе биде Борјан Цанев. Специјални гости се децата од хорот „Пиколо“ од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ кои под раководство на Весна Димчевска заедно со Македонската филхармонија ќе ја изведат познатата „Аве Марија“ на Качини.

Концертната сезона на Македонската филхармонија продолжува на 22 јануари кога ќе настапи јапонската виолинистка Акико Суванаи.