Македонската друштвена игра Cavern Tavern успешно финансирана на Kickstarter

Друштвената игра Cavern Tavern, дизајнирана од Final Frontier Games – македонски тим на дизајнери, на 20 април беше поставена на светски познатата интернет платформа за групно финансирање Kickstarter.com. За неполни 30 часа, играта го постигна посакуваниот праг од 18.000 долари, за да се вброи во групата успешно финансирани проекти иако до крајот на кампањата остануваат уште 28 дена, соопштија од тимот кој стои зад играта.

Cavern Tavern спаѓа во групатa друштвена игра на табла, составена од многу коцки, ресурси и картички, со комплексна механика која можат да ја играат од 2 до 5 играчи. Темата на играта е таверна сместена во замислен свет, скриена во ридовите на „Strongcliff“, а  управувана од лошиот газда „Nasty the Dwarf“. Задачата на секој од играчите е да послужи пијалоци, да зготви нешто вкусно во кујната, да ја одржува таверната чиста и уредна, а згора на сѐ и да се обидат да ги задржат среќни гостите кои доаѓаат од разни страни на  Северното кралство.

Како што велат од тимот на „Final Frontier Games,“ целиот процес траел околу 10 месеци, од основна идеја и приказна, преку графички дизајн, плејтестинг, промени и усовршувања, до конечно поставување на Kickstarter. Засега играта е на англиски јазик, но  не ја исклучуваат можноста, доколку се соберат доволно средства, играта да се појави на повеќе јазици, меѓу кои и на македонски.

Артот и илустрациите во играта се дело нанајпознатиот македонски стрип-цртач, Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, кој зад себе веќе има илјадници цртежи за друштвени игри од целиот свет. Сега за прв пат тоа го направи и за македонска друштвена игра. За промоцијата во земјава, критики и препораки пак беше задолжена екипата на Гоблин Друштвени игри .

„Секој креатор знае колкав е стресот и притисокот, кога нешто што си создал го изложуваш на јавна критика, и згора на тоа ја повикуваш заедницата да ја финансира твојата идеја за да може да го види светлото на денот. Но, трудот, маката и непроспиените ноќи вредеа. Проектот не само што наиде на одличен одзив кај гејминг заедницата ширум светот, туку успеа и да ги собере потребните средства за само еден ден откако беше поставен на Кикстартер. Чувството е неописливо! Ни во најлудите соништа не очекувавме ваков старт на кампањата“, вели Војкан Крстевски,  еден од четворицата дизајнери на „Cavern Tavern“.

 

До сега е финансирана само основната верзија, а со секоја дополнителна донација се зголемува можноста за подобрување и усложнување на играта. Проектот може да се погледне на следниот линк.