Комисијата за доделување на признанијата на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за периодот меѓу два саема на книга, по рагледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, ги одбра победниците во седум различни категории.
Автор на годината е Билјана Црвенковска („Чудна шума“). Специјално признание за промотор на читачка култура му припадна на Александар Маџаровски – Читачот. Додека, првата награда за најдобра едиција ја освои „Перископ“ („Бегемот“). Едициите „Арго“ („Или-или“) и „Горан Стефановски“ („Полица“) ги освоија втората и третата награда.
Признание за најдобар дизајн на корица доби „Тони“ од Румена Бужаровска, дизајнирана од Небојша Гелевски („Три“). На второто место се најде „Книга за Петре“ од Оливера Ќорвезироска, со портрети од Сергеј Андреевски („Арс ламина“), а третата награда во оваа категорија ја освои „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, со детаљ од слика на Славко Јаневски и доработка од Марко Трпески („Арс ламина“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание (награда за навпечатлив целосен дизајн (корица+внатрешност) на издание за возрасни освои „Маскарада“ од Витолд Гомбрович, ликовно-графичко уредување на Наталија Лукомска („Бегемот“). На второ место е „Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски, графичко уредување на „Арс ламина“, а „Космогонија“ со ликовни илустрации на Вана Урошевиќ и Зоран Тодоровиќ на песна од Влада Урошевиќ („Гаврош“) ја освои третата награда.
„Најмалиот џин Џуџо и најголемото џуџе Џино“ од Николина Андова Шопова, со илустрации на Наталија Лукомска („Бегемот“) ја освои првата награда во категорија за најдобра книга за деца (сликовница). Второто место во оваа категорија и’ припадна на „Најмалиот остров на светот“ од Билјана Црвенковска, со илустрации на Хана Тинтор („Чудна шума“). Со трета награда се закинити „Нови бајки од Македонија“ од група автори, со илустрации на Орце Нинески („Арс ламина“).
Признанието за најкреативно издание, категорија во која влегуваат оригинални изданија за возрасни и деца кои се издвојуваат по својата нестандардност, го освоија „Се викам Храброст“ („Арс ламина“), „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков, со илустрации на Наталија Лукомска („Чудна шума“) и „Приказни од Ѕунливото море“ од Билјана Црвенковски, со илустрации на Наталија Лукомска („Чудна шума“).
Издавачките куќи „Антолог“ за проектот „Секој збор заслужува да биде прочитан!“, „Арс ламина“ за „Соба на бајките“ – донација на библиотека од Детската клиника и издавачкиот центар „Три“ за донации од областа на литературата и образованието добија признание за поттикнување на општествена одговорност.
За наградите одлучија Весна Мојсова-Чипишевска, Тони Димков и Гордана Вренцоска.