Македонската анимирана ТВ серија „Змејска градинка“ на форум во Париз

Проектот за анимирана ТВ серија „Змејска градинка“ на македонското студио за 2Д анимација „Линкс“, селектиран на престижниот „Крос Видео Дејс“ форум во Париз, во јуни ќе биде презентиран пред околу 150 телевизиски програмери од целиот свет.

Како што соопшти студиото „Линкс“, серијата „Змејска Градинка” ја раскажува приказната за осум немирни змејчиња и нивната дадилка-трол. ТВ серијата има 52 епизоди со должина од 11 минути, а автори се Бошко Дуковски и Гоце Цветановски.

„Полека, но сигурно, Македонија влегува како сериозен играч на светската мапа на авторска анимација“, вели режисерот на проектот Гоце Цветановски.

Според Марко Угарковиќ, директор на студиото, доколку продолжи ваквиот интерес за нивните авторски проекти, ќе мора да отворат центар за обука и да обучат и вработат нови уметници и аниматори.