Македонска зелена бизнис идеја за прв пат победи на регионалниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“ кој оваа година се оддржа 24-27 јули во Боге-Косово, во организација на Фондот на Браќата Рокфелер од САД, а се спроведува на Балканот во изминатите 4 години, соопштија од Здружение за социјални иновации – АРНО.
Носител на идејата е „Прва кооператива на потрошувачи на органска храна- Наша Добра Земја“ која конкурираше со проект за поддршка на мали маргинализирани земјоделци кои произведуваат хемиски нетретирана храна.
На форумот се натпреваруваа вкупно 15 зелени бизнис идеи од 5 балкански држави, и тоа: Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија. Освен македонската победничка идеја на „Наша Добра Земја“ победи и српската идеја „Еко-камп од дрвени куќички“ и црногорската идеја „Градина Еко-логика“. Најдобрите три идеи ќе добијат финансиска поддршка од 10 000 долари.
„ Особено ни е драго што оваа година прв пат ја донесовме регионалната награда на Фондот на Браќата Рокфелер за филантропија и зелени идеи во Македонија! Искуството од националниот натпреар до победата во Косово беше фантастично, од повеќе аспекти. На национално ниво – од се срце им благодариме на АРНО за одличната организација и топла поддршка во процесот. На регионално ниво – почуствуваме дека со останатите учесници и организаторите имаме заедничка основа, вредност и верба – во моќта и влијанието на “зелените идеи” и нивниот потенцијал да допринесат кон промени. Ни личи дека ова е старт за многу регионални зелени интерконекции! Наградата ни преставува особено важен чекор за понатамошниот развој на „Наша Добра Земја“ во сферата на одржливост – додавање на овој за нас најважен елемент во “равенката” еколошко производство на храна во Македонија“, изјави Билјана Филиповска, основач на „ Наша Добра Земја“.
Останатите зелени бизнис идеи кои се натпреваруваа беа најразлични, почнувајќи од собирање на лековити и ароматични билки и планински плодови за произведување на природни чаеви во Косово, произведување на рачно изработени органски сапуни од локални билки во Албанија, реконструирање на стари воденици во Србија, до поправка и редизајн на стар мебел преку трансформирање на истиот во нешто ново, корисно, убаво и повторно функционално (Србија), па се до 3D машина за принтање која користи биоразградлива пластика (Косово), биогас од фарми за кокошки (Косово), рачно изработени торби и марами со илустрации од принцези од Црна Гора, рурален туризам преку промоција на тури за гледање на птици (Албанија).