Македонска компанија е европски победник на StartUp Europe Awards за 2017

Компанијата „Macedonian Honey“ е Европски победник во категоријата „Клима“ (климатски промени) на StartUp Europe Awards за 2017 година.

Компанијата е формирана со идеја дека мора да има подобра иднина за пчелата, биодиверзитетот и природата.

„Во ова време на климатски промени, исчезнувањето на пчелите, намалувањето на биодиверзитетот, ние сме исправени пред одговорна задача да превземеме нешто. Опрашувањето, биодиверзитетот и човековата благосостојба се тесно поврзани, затоа сите ние сме вклучени без разлика дали сме бизнисмени, фармери, научници, индустријалци, политичари или едноставно – луѓе“, велат од компанијата.

Резултат на работата на Macedonian Honey“ е спречување на изумирање на пчелите, зголемување на популацијата на диви пчели во природата, заштита на биодиверзитетот, и намалување на ефектот на климатските промени врз човековото живеење.

„Затоа создадовме нова иновативна кошница која е прилагодена на природните потреби на пчелата и воедно ја олеснува работата на пчеларот. Пчелите одгледани во Elle-Hive стануваат посилни и нивниот генетски материјал им овозможува на идните генерации пчели полесно да се справат со предаторите и климатските промени“, додаваат од компанијата.

Кошниците се поставени на планинскиот масив Бистра-Стогово во југозападна Македонија, близу градовите Дебар и Кичево, на 100 километри воздушна линија од Јадранското море, каде природата е полна со богата вегетација и медоносни лековити билки како жалфија, нане, маточина, планински чај.

„Macedonian Honey“ ја формираше и платформата International Bee-Station, која претставува место каде поединци, фирми, меѓународни организации, амбасади и други оганизации, ќе се сретнат и заедно ќе придонесат за заштита на природата.

МИА