„МакедонијаЛек“: Сите МРП вакцини се со важечки рок и сигурни за користење

„МакедонијаЛек“, увозник и дистрибутер на МРП вакцините, соопшти дека извршило внатрешна контрола да ги провери наводите што се појавија во јавноста за можно присуство на вакцини со истечен рок.

„Контролата покажа дека сите МРП вакцини од марката „Priorix“, кои нашата компанија ги дистрибуира, се со важечки рок и сигурни за користење“, соопшти денеска оваа компанија.

Од „МакедонијаЛек“ велат дека вакциналните пунктови има дистрибуирано вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019.

„При контролата, откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018. Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите кои биле предизвикани“, нагласува увозникот на вакцините.

Овие пакувања се веднаш повлечени, велат тие, како не би правеле понатамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети.

„Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок. Воедно ве известуваме дека горенаведената вакцина нашата компанија ја увезува од 2016 година и истата во континуитет, непрекинато се испорачува до здравствените установи со стандарден квалитет. ‘МакедонијаЛек’ стои на располагање за соработка со институциите за целосно расчистување на овој случaj“, велат од фирмата.