Македонија стана членка на Еуродеск – мрежата за мобилност на млади на ЕУ

Во рамките на годишното собрание на Еуродеск во Брисел, Македонија официјално стана членка на оваа европска мрежа за мобилност на млади, информираат од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Со членството, Македонија се стекна со стасус на Национален Еуродеск партнер кој ќе има Еуродеск центар во земјава.

Еуродеск претставува европска платформа која работи со национални партнери кои ја сочинуваат Еуродеск мрежата. Националните партнери имаат обврска за доставување на информации за можностите на Еуродеск во нивните земји, преку соработка со организации и избрани партнери на национално ниво.

Главната цел на Еуродеск е да понуди одговори на прашањата од тагетираните групи како и да обезбеди пристап до квалитетни европски информации во однос на Програмите Европската унија и можностите за мобилност кои им стојат на располагање на младите луѓе.

Содржината на понудените информации од Европско или национално ниво, се однесува на финансирањето, контакти и ресурси, со посебен фокус на финансирање активности и можности кои се понудени од страна на Европската комисија, а кои вклучуваат млади луѓе и оние кои работат со нив.

Еуродеск партнерите соработуваат на национално и меѓународно ниво преку: дисеминација на информации, одговори на поставени прашања и барањa, обуки, логистика и организација на промотивни настани и вклучување во младински настани и активности.