Македонија со пад од 12 позиции на Индексот на најздрави држави во светот

Македонија се најде на 56-тото место од 169 држави во светот и го има едно од најголемите назадувања во светот според Индексот за најздрави држави во светот кој го издава Блумберг.

На рангирањето, кое се спроведува на две години, Македонија со резултат од 60,21 поени има пад од дури 12 места на Индексот во споредба со 2017-та година, кога земјава се наоѓала на 44-тото место во светот.

На најновиот индекс од земјиве во регионот најдобро е пласирана Словенија (24-то место во светот), по што следуваат Грција (26 место), Хрватска (31), Црна Гора (41), Босна и Херцеговина (42), Албанија (43) и Србија која се најде на 55-тото место, една позиција подобро од Македонија.

Индексот ги користи податоците на Светската здравствена организација, Фондот за население на Обединетите Нации и Светската банка и ги рангира државите според неколку критериуми. Во вкупниот скор се пресметуваат статистичките податоци за очекуваниот животен век, морталитетот од заразни и незаразни болести и смртноста на новороденчињата, додека негативни поени се даваат за ризиците како пушењето и дебелината. Во пресметката се земаат предвид и еколошките фактори, достапноста до чиста вода и канализациони системи.

На врвот на овогодишниот индекс се најде Шпанија, а во првите пет најздрави земји во светот се уште Италија, Исланд, Јапонија и Швајцарија.

Државите во Екваторијална Африка заземаат 27 места од 30-те најнездрави држави според Индексот, додека останатите три се Хаити, Авганистан и Јемен.

Според експертите, навиките за исхрана се меѓу најважните фактори за добрите позиции на Шпанија и Италија, поради „медитеранската храна“ богата со маслиново масло и јаткасти плодови предизвикува помалку кардиоваскуларни проблеми од оние кои користат режим на исхрана со помалку маснотии.