Македонија преработува само 10 отсто од отпадот кој го создава

Во Македонија, во 2014 година биле создадени 1,8 милиони тони отпад. Само 10 отсто од отпадот кој го создава Македонија, или 39 337 тони се преработува, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најмногу дел од отпадот, или дури 88 отсто се создава во преработувачката индустрија, каде има и најголема преработка на отпадот од 10,8 отсто.

Од вкупното количество на создаден отпад, 659 238 тони се предаден отпад, односно отпад кој деловните  субјекти го предале на други физички или правни лица во земјата или во странство во текот на 2014 година.

Вкупното количество на примен отпад, односно отпад кој деловните субјекти го примиле од други физички или правни лица од земјата или од странство во текот на 2014 година, изнесува 705 825 тони.

Во текот на 2014 година се преработени 197 505 тони отпад, додека вкупното количество на отстранет отпад изнесува 1 481 378 тони.

За разлика од Македонија, европските земји имаат многу развиен систем на управување и преработка на отпадот. Според податоците од Евростат, во просек 42 отсто од отпадот се рециклира. Во последните 13 години процентот на отпад кој се преработува во нови производи пораснал од 27 отсто на 42 отсто.