Македонија последна во регионот на мапата најдобри и најлоши држави за ЛГБТИ лицата

Македонија се најде на 41 место во Европа, од вкупно 49 земји, според ситуацијата со правата на лезбеjската, геј, бисексуалната, трансродовата и интерсексуалната (ЛГБТИ) заедница, покажува последниот извештај на Меѓународната асоцијација за ЛГБТИ лицата (ИЛГА – Европа).

На табелата на која земјите се оценуваа од 0 до 100 проценти (0-масовни кршења на човековите права и дискриминација; 100-целосна еднаквост и почитување на човековите права), Македонија со рејтинг од 16% е најлоша во нејзиното окружување. За споредба, според рангирањето на ИЛСА, во балканскиот регион, ЛГБТИ лицата имаат најмногу права во Хрватска (62%), па следуваат Грција (47%), Словенија (44%), Црна Гора (39%), Албанија (33%), Босна и Херцеговина (31%), Србија и Косово со (30%) и Бугарија (23%).

Во делот од извештајот за нашата земја, единствено позитивна оценка е доделена за граѓанските организации кои се занимаваат со ЛГБТИ прашањата, а се споменува дека одредени политички фигури покажале поддршка за оваа категорија граѓани, но предизвикот во следниот период е овие заложби да завршат со позитивни ефекти на животот на ЛГБТИ лицата.

„Невладините организации регистрирале бројни инциденти на говор на омраза во пресрет на изборите во декември, додека ЛГБТИ луѓето сè уште немаат правно прибежиште против говорот на омраза и криминал. Домашните политички партии со лева идеолошка ориентација покажуваат поголема поддршка, со нивен придонес на првата национална конференција за ЛГБТИ лицата. Националната стратегија за еднаквост ги спомнува ЛГБТИ лицата прв пат. Но, покрај ова, правното признавање на родовите процедури сè уште не постојат во македонското законодавство“, се наведува во резимето за Македонија.

За подобрување на правната и политичката состојба на ЛГБТИ лицата во Македонија, од ИЛГА – Европа препорачуваат промени во три области:

– Изработка и усвојување на закони кои специфично ги заштитуваат вработените од дискриминација на основа на сексуалната ориентација, родовиот идентитет и сексуалните карактеристики.

– Развивање фер и транспарентна правна рамка за родово признавање, засновано на процес на само-детерминирање, слободно од нападни услови (како стерилизација, медицински дијагнози – нарушување на родов идентитет, или медицински интервенции).

– Воведување на закони и политики за говор на омраза кои експлицитно ќе ги наведат како заштитени – сексуалната ориентација, родовиот идентитет и сексуалните карактеристики.

Оваа година, Малта е на првото место во Европа според правата кои ги имаат ЛГБТИ лицата, со рејтинг 88%. Во првите пет се наоѓаат и Норвешка, Велика Британија, Белгија и Франција. Најлошите земји за ЛГБТИ лицата се Монако, Турција, Ерменија, Русија и Азербејџан, која е на последното 49-то место.

Целосната скала на која се распоредени 49-те држави – од најголемо почитување на еднаквоста (зелена боја), до масовни кршења на човековите права (црвена боја)

Извештајот наведува дека во Европа по прашањето на ЛГБТИ правата прогрес постои, но дека:

– Прогресот се намалува и се наоѓа под ризик

– Во Европа е потребна поголема политичка храброст за да се заштити прогресот

– Прогресот постои во нови форми и на нови места

Извештајот ги скенира состојбите во земјите кои се случиле во периодот на 2016-та година. Рангирањето се прави според оценки во шест генерални области – еднаквост и недискриминација; семејство; злосторства од омраза и говор на омраза; правно родово признавање и телесен интегритет; граѓанско општество; и азил.

ИЛГА – Европа на европско ниво обединува преку 480 организации од 45 земји во Европа, кои се залагаат за еднаквост и подобрување на човековите права за ЛГБТИ заедниците.