Македонија – плодна почва за ксенофобија и омраза

Ксенофобијата, односно стравот од туѓинците и различните, е секојдневие во Македонија, сметаат активистите за борба против омразата. Иако е мала земја со долга историја на бегалски кризи и иселување на голем број економски мигранти, која и самата трпи омраза од други народи, нема добредојденост за „различните и туѓинците“.

За нетолерантноста и омразата во нашето општество се зборуваше на „Не се плашам од туѓинци и различни“, панел дискусија одржана во рамките на конференцијата Engage: Youth, во саботата на Пониква, Осогово. На неа учествуваа Љуми Бекири, активист за права на ЛГБТ заедницата, Јованка Дојранлиева, жителка на Гевгелија која им помагала на бегалците и мигрантите, Марјан Забрчанец, активист и Емра Куртишова, која преку видео обраќање раскажа за најголемите проблеми со кои се соочувала како Ромка во Македонија.

„Најважно е да се знае дека ксенофобијата и омразата која се раѓа од неа не е спонтано чувство и не се појавува сама од себе. Најчесто е поттикната од страна на доминантните етнички групи, политичките партии, центрите на моќ и се храни преку масовните медиуми и пропаганда“, вели Забрчанец. Од ксенофобијата, вели, најмногу се погодени малцинствата, а Македонија е земја во која малцинства има многу.

„Ксенофобијата најчесто се забележува во општества каде има економска криза, сиромаштија, низок степен на економска развиеност на земјата, во време на изборни кампањи, во време на политичка нестабилност… Тоа ни кажува дека Македонија е едно идеално подрачје за развој на ксенофобијата, односно за развој на страв и омраза кон оние кои се туѓинци и поразлични“, додава тој.

За третманот на нашето општество кон одредена малцинска група – ЛГБТ заедницата, зборуваше Љуми Бекири, кој смета дека токму геј, транс и би популацијата во Македонија е најзагрозена.

„ЛГБТ лицата, за разлика од бегалците, не се дојдени од никаде. Тие се тука, меѓу нас, можат да припаѓаат на било која нација, раса, религиска определба. Постојат и се соочуваат со некоја бездомност во сопствениот дом. Се чувствуваат како туѓинци таму кајшто живеат, а немаат друго место кадешто би се чувствувале како свои“.

Бекири вели дека за Балканот е карактеристично тоа што не ги признава воопшто ЛГБТ заедниците и целосно го негира идентитетот на овие луѓе. Тој вели дека поради тоа, тие се сосема загрозени и оставени на маргините на општеството, а дури и кога ќе се признае нивното постоење, тоа е прикажано како да е нешто „увезено“ или „тренд“.

За лошите услови за живот на ЛГБТ лицата во нашето општество, смета Бекири, не се виновни само културата и етиката, туку и политичките структури.

„Агресијата врз ЛГБТ лицата почнува некаде од 2008 година, контролирана од некои инстанци на политичка моќ. Овие лица се на константен удар од медиуми блиски до власта и на претставници на политичките партии“, вели тој.

Додава дека постојано се под удар и луѓето кои работат за правата на ЛГБТ заедницата, а да се биде припадник на оваа заедница се користи како навреда, што уште повеќе додава на стигмата за тоа да се биде геј, би или транс во нашата заедница.

Бекири напомена и неколку напади на ЛГБТИ центарот на Скопска чаршија и во клубот „Дамар“, кривични дела чии сторители се уште не се пронајдени и обвинети, иако имало снимки на кои јасно се гледа кои се. Тоа укажува на тоа колку институциите се неми за проблемите на овие лица. Омразата кон ЛГБТ лицата, вели, сплотува дури и луѓе кои вообичаено се мразат меѓусебно. Укажува на пример кога навивачки клубови на македонски и албански тим, кои навиваат едни против други, „сплотено“ го уништувале ЛГБТИ центарот во Скопје.

За неспособноста на институциите да се справат со омразата зборуваше и Јованка Дојранлиева, која како жител на Гевгелија увидела доста злосторства над бегалците од Сирија.

Таа вели дека Гевгелија, чие име значи „град кој на сите им посакува добредојде“, била гнездо на омраза кон луѓе чии животи зависат од третманот на жителите. Наместо да помогнат, поголемиот дел од гевгеличани само барале начин да заработат од маката на бегалците.

„Гевгеличани организираа протест именуван „Да го исчистиме ѓубрето од Гевгелија“, а на постерот наместо ѓубре, имаше бегалци. Истите тие луѓе, кога видоа дека има работа во транзитниот центар, беа први кои се вработија и заработија од бегалците“, раскажува Дојранлиева. Сугерира и дека многу советници во општината примале мито за да им помогнат на побогатите бегалци да излезат од државата, а доста се заработило и од тендери за превоз на бегалците.

Забрчанец посочи дека историјата на Македонија покажува дека и нејзините жители во минатото често биле бегалци, а денес голем дел од нив се економски мигранти. Затоа, вели, треба да внимаваме кога се доведуваме во ситуација да се плашиме и тоа да предизвика омраза кон различните.

„Она што некои ни го прават нам, ние во истото време истото го правиме на други. Мора да престанеме да го правиме она што нам не би ни било пријатно да ни биде направено“, апелира тој.

С.Т.