Македонија нема време за чекање – евроинтеграциите шанса за младите

„Не е мое да ве убедувам, ваше е да преземете одговорност за инината на оваа земја“, истакна државниот министер за Европа на Германија, Михаел Рот во своето обраќање кон младите и владините претставници посветено на важноста на евроинтеграциите за Македонија.

„Знам дека е навистина тешко да се исполнат сите услови, и младите се навистина нетрпеливи и не сакаат да чекаат предолго, но колку поангажирано се продолжи со реформите на патот кон ЕУ, толку побрзо и полесно ќе биде придружувањето на Унијата во блиска иднина“, потсети Рот.

Им порача на властите да се фатат во костец со криминалот и корупцијата, а на младите да се вклучат во општествените случувања и да не наседнуваат на пропагандата. Европската унија, вели, не е само економски систем туку е заедница базирана на вредности.

„Пропагандата вели дека Македонија ќе го изгуби националниот идентитет, култура и историја, што е бесмислица. Никој не сака да ви го избрише културниот идентитет, но ние очекуваме да живеете заедно со вашите соседи, пријатели, сограѓани во мир и толеранција“, рече Рот.

Осврнувајќи се, пак, на проблемот со одливот на мозоци, поентираше: „Ние сме посветени на европската иднина на Македонија. Одливот на мозоци е трагедија за вас, но е добро е за нас, затоа што младите и образовани луѓе се навистина добредојдени на германскиот пазар на труд. Но, тоа нема да реши нити еден проблем во вашата земја“.

Никола Димитров, министерот за надворешни работи на Република Македонија, истакна дека напорите на Владата за забрзување на евроинтеграциите се насочени кон иднината на младите. Изгубивме цела генерација во чекалната, рече тој.

„Немаме време за чекање, не знаеме кога ќе биде следниот воз, затоа мора да го фатиме овој. Не верувам дека ќе цветаат рози, дури и откако ќе го фатиме овој воз, ќе има солзи и пот, но најдобра шанса оваа земја да стане европска демократија со добро образование, со одговорни политичари, со слободни медиуми, независни судии, е да се фати овој воз. Ние ќе треба да ја промениме земјата, но тоа ќе го направиме полесно во контекс со реформите и евроинтеграцијата“, рече Димитров.

Блажен Малевски, претседател на Националниот младински сојуз на Македонија НМСМ посочи дека мора да се врати вербата на младите во политичката партиципација, но и дека процесите кои следат во земјава, младите треба да ги искористат за решавање на своите проблеми.

„Младите се тука за да ги кажат проблемите, да најдат решенија за нив и да креираат подобри политики на долг рок. Треба ова да го направиме брзо, бидејќи референдумот е набрзо, и навистина треба да ги охрабриме луѓето и да им кажеме да веруваат дека се отворени можностите за промена, дека промената нема да дојде преку ноќ, и нема да се случи ако тие останат дома. Треба да излезат, да се борат за своите права“, рече Малевски.

Ирена Иванoвска, од секцијата на млади при Сојузот на синдикати на Македонија се осврна на проблемот со невработеноста на младите во Македонија и очекувањата од евроинтеграциите.

„Младите со евроинтеграциите очекуваат дека ќе имаат побрз и подобар пристап до европскиот образовен систем,  што ќе овозможи подобра едукација, развој и ќе ги отвори можностите за вработување. Исто така се надеваат на подобри пракси во некои од европските компании, што ќе им даде вештини и ќе им го олесни процесот на транзиција од школо кон работа. Исклучително е важна и можноста за странски инвестиции, што ќе креира пристојни работни места и плати за младите кои ќе бидат препознаени како професионалци“, рече Ивановска.

Дискусијата беше насловена „Младинските перспективи за интеграцијата на Македонија во ЕУ“, а се организираше по повод официјалната посета на државниот министер за Европа на Германија, Михаел Рот.

J.J.