Македонија на двојни избори – се гласа за претседател и за пратеници

Македонија излегува на двојни избори, се гласа за вториот круг од петтите претседателски и на осмите парламентарни избори.

Македонија на двојни избори - се гласа за претседател и за пратеници

Новиот претседател ќе се бира меѓу Ѓорге Иванов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ. Истовремено, на осмите парламентарни, односно трети по ред предвремени избори за 123 пратенички места во шест изборни единици во земјата и три во странство се тркаат 1.402 кандидати на 14 листи. Листите се поднесени од пет коалиции и уште девет политички партии.

За претседателските избори право на глас имаат 1.779.572 гласачи во земјава и 8.332 во странство, а за парламентарните можат да гласаат 1.780.128 гласачи, односно 27.828 македонски државјани од дијаспората. На избирачките места има два извода од избирачкиот список, еден за парламентарните, а вториот за претседателските избори. Гласањето денеска се одвива на вкупно 3.480 избирачки места во државата, додека дијаспората гласаше вчера на 34 избирачки места, во три изборни единици.

Гласачките места кои се отворени од седум часот, ќе бидат затворени во 19 часот. Гласачите се обележуваат со мастило на палецот од левата рака според упатството на Државната изборна комисија, додека при гласањето на првиот круг од претседателските избори на 13 април се обележуваше десниот палец.

Македонија на двојни избори - се гласа за претседател и за пратенициВо канцеларијата на Народниот правобранител на денот на одржување на предвремените парламентарни и вториот круг од претседателските избори, од 7 до 19 часот функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Како што соопшти народниот правобранител отворени се сите седум канцеларии, во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип за да се помогне во остварувањето и заштитата на избирачките права.

UntitledХелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија извести дека за време на гласањето е отворена нивната канцеларија во текот на целиот ден со цел да им овозможи на граѓаните да пријават  повреда на избирачкото право. Од Комитетот ги охрабруваат сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата која се наоѓа на нова локација на ул.„Наум Наумовски Борче“ бр. 83. (мапа за новата локација има на нивната веб-страница). Случаите на повреда на избирачкото право можат да се пријават и преку отворената фиксна и мобилна телефонска линија: +389 (0)2 3119 073  и +389 (0)78 252 812 и со пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk која граѓаните можат да ја поднесат наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно.

civil-logo-540x450И организацијата Цивил упати апел за слободни избори како и повик до партиите и партиските активисти да се придржуваат кон изборниот молк и да не вршат агитација и притисоци врз гласачите. Тие потсетуваат дека гласањето е тајно и не постојат можности тоа да биде контролирано или надгледувано. За секоја нерегуларност, граѓаноте можат да го информираат Цивил по телефон, електронска пошта (monitor@civil.org.mk) или на веб страницата Слободни избори. На денот на гласањето, Цивил има отворен прес центар во ГЕМ клубот кој работи од 7 часот , па се до полноќ. За целата програма е овозможен видео пренос во живо.

За следење на вториот круг од претседателските  избори и предвремените парламентарни избори се акредитирани 9.952 домашни и 550 странски набљудувачи, како и 283 преведувачи.
Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година. За прв претседател на Република Македонија беше избран Киро Глигоров, по него Борис Трајковски, па Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов како четврт претседател. По воведувањето на политичкиот плурализам, во Македонија се одржани пет регуларни парламентарни избори и два предвремени во 2008 и 2011 година. 123 пратенички места во Собранието на Република Македонија ќе се распределуваат по Донтов систем. Секоја од шесте изборни единици обезбедува по 20 пратеници, додека од дијаспората се бираат тројца пратеници.