Македонија на 71 место на листата на Глобалниот мировен индекс

Македонија се најде на 71 место од вкупно 162 држави според рангирањето на Глобалниот мировен индекс за 2015 година кој го прави Институтот за економија и мир секоја година.

Според овој индекс, Македонија е налошо рангирана од земјите во регионот. Пред неа на листата се Косово на 69 место, Грција на 61 место, Црна Гора е 57-ма, Албанија на 52-ра, Босна и Херцеговина е на 53-та, Србија на 46-та, Бугарија е 32-ра, Хрватска е на 27  место и Словенија на 15 место.

Глобалниот индекс на мирот покажува голема разлика меѓу богатите европски земји, кои живеат во мир и сиромашните земји во Африка и Блискиот Исток опфатени со конфликти. Земјите се класифицираат според 23 критериуми, меѓу нив внатрешни и надворешни конфликти, трошоци во областа на одбраната, тероризмот, убиства, пораст на други злосторства и друго.

Прв на листата е Исланд како најмирна држава во светот, по што следуваат Данска и Австрија. На дното на листата се Сирија, заедно со Авганистан, Ирак, Јужен Судан и Централноафриканската Република.

Интензитетот на вооружените конфликти драматично се зголемил, а бројот на загинатите во немирите во светот е три и пол пати поголем, од 49 илјади убиени во 2010 година на 180 илјади во 2014 година, се наведува во извештајот.

Мапата од овој извештај може да ја погледнете ОВДЕ.