Македонија на 117 место според слободата на медиуми

Во најновиот извештај на меѓународната медиумска организација „Репортери без граници“, Македонија се најде на 117 место од вкупно 180 земји рангирани според слободата на медиумите.

Во извештајот е истакнато дека во текот на минатата година, новинарот Томислав Кежаровски бил во домашен притвор и дека ситуацијата со медиумите во Македонија била лоша.

Како големи проблеми се истакнува и политичкото распределување на државните реклами и злоупотреба на тужбите за клевета, како начин на притисок врз новинарите.

Минатата година, на оваа листа Македонија беше рангирана на најниско место во нејзината историја, на 123 место.

И во овој извештај Македонија е во истото друштво како и лани со државите кои имаат сличен пласман како Авганистан, Обединетите Арапски Емирати, Мали, Таџикистан…

Во регионот, Србија е рангирана на 67 место, Косово на 87, Грција на 91, Бугарија на 106, додека Црна Гора е на 114 место.