Македонија меѓу државите во кои е најден шпионскиот софтвер FinFisher

Македонија е меѓу 32 држави во светот кои го користат софтверот наречен FinFisher за следење на комуникациите преку интернет, покажува најновиот извештај на Citizen Lab, истражувачка група од Универзитетот во Торонто.

На мапата на земјите за кои има сомневања дека нивните власти го користат софтверот се најде Македонија, заедно со Србија, Словенија, БиХ, Белгија, Чешка и други европски земји, пишува Призма.

Според извештајот, софтверот овозможува пристап до целиот систем на корисникот и следење на неговата комуникација преку интернет. Без да знае корисникот, софтверот може да следи што пишувате на тастатура, има пристап до сите лозинки на компјутерот и на мобилниот телефон, може да се вклучи на вашата камера и микрофон.

Од Citizen Lab објаснуваат дека FinFisher е софистицирана шпионска aлатка која ексклузивно им се продава на властите за следење на комуникации.

За Македонија нема специфичен орган или институција кој го нарачал следењето на комуникациите преку FinFisher. Истражувачите успеале да откријат 10 институции од вкупно 32 земји каде што е купен софтверот. На пример, во Белгија, како институција која е поврзана со користење на уредот е наведена федералната полиција, додека во Србија, Безбедносно-информативната агенција (БИА).

Пред две години истата истражувачка група објави дека како провајдер на шпионскиот софтвер во Македонија се користела ИП адреса од Македонски телеком, но не беше познато која институција го нарачала. Во извештајот од 2013 година, Македонија првпат се најде на листата од 36 земји што го набавиле шпионскиот софтвер.