Македонија ќе остане без меѓународни возови од почетокот на септември

По 143 години од воведувањето на железничкиот сообраќај во Македонија, од почетокот на септември земјава ќе остане без редовните меѓународни линии. Експресните возови кон Белград и Солун од 4 септември веќе нема да сообраќаат од железничката станица во Скопје, бидејќи се укинати на неодредено време, пишува build.mk.

Сите оние граѓани кои што ќе посакаат да патуваат кон Европа со воз, своето патување ќе мора да го организираат од Ниш или Белград како почетни дестинации. Возот „Хелас експрес“ нема да сообраќа до крајот на годинешниот возен ред во декември, а веќе подолго време не сообраќа ниту утринскиот експресен воз на релација Скопје-Белград-Скопје. *Експресниот воз „Хелас експрес“ на железничката станица во Солун.

Поради градежни работи на пругата Ниш-Прешево, Српските железници го ограничија патничкиот сообраќај на југот од својата земја. Укинатите возови кон Скопје ќе продолжат да сообраќаат на релацијата Белград-Ниш, а од Македонски железници до денес не излегоа со најава за продолжување на железничката врска барем кон Солун. Засега нема информација за тоа кога би се вратиле експресните возови од скопската станица, иако одредени шпекулации говорат дека дестинациите кон Белград и Солун нема да се најдат и во возниот ред за наредната 2017 година.