Македонија ја одбележа Mеѓународната недела на продавачи на уличен печат

Со мултимедијален настан на кој видовме фотографии, поезија, проза, перформанс, музика, организирана посета на компании и со работилници, „Лице в лице“ ја одбележа Меѓународната недела на продавачи на уличен печат (3-9 февруари). Глобалниот настан кој го одбележуваат членките на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), а чиј дел е и „Лице в лице“, го слави претприемачкиот дух на продавачите на овие изданија.

Македонија ја одбележа меѓународна недела на продавачи на уличен печат

Во повеќе од 40 земји во светот и во над 600 градови, 122 улични весници и списанија го кренаа гласот на ранливите сограѓани во борбата против сиромаштијата.

Централен настан беше отворањето на мултимедијалната изложба „Улица“ во кафулето „Концепт 37“ во Скопје, која ја отворија Анабела Мередиева и Армандо Реџепи, продавачи на „Лице в лице“. Тие ги кажаа своите перцепции за улицата и за тоа како работата во уличното списание придонесува за нивниот напредок.

Присутните имаа можност да погледнат 13 фотографии на фоторепортерите Томислав Георгиев и Роберт Атанасовски, кои се на тема „Улица“. Врз основа на овие фотографии пак, наши поети и писатели (Никола Маџиров, Ирена Јорданова, Николина Андова, Иван Шопов, Ана Голејшка, Дарко Лешоски, Биљана Стојановска и Маја Васева) напишаа свои литературни творби. Нивните записи ги интерпретираа креативците од Здружение Иницијатива за независен културен активизам (Кристина Тодороска – Петреска и Климент Попоски), на музиката од изданието „Музика за неснимен краткометражен филм“ на „Мамут и Јашем“. По официјалниот дел од настанот, присутните се забавуваа со диџејскиот сет на Ненад Тонкин. Публиката имаше можност да ги купи и трите изданија на независната издавачка куќа „Шарла“ од Скопје, чиј дел е и цедето на „Мамут и Јашем“.

Изложбата на фотографии, заедно со литертурните записи ќе биде поставена и нареднава недела во кафулето „Концепт 37“. Фотографиите се со продажен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за програмите на „Лице в лице“.

На настанот беше промовиран и новиот, деветти број на уличното списание, кое продавачите на „Лице в лице“ го понудија на публиката, заедно со новите обележувачи за книги и разгледници. Струшките продавачи пак, со поддршка на волонтери од ИНКА и од „Сороптимист Македонија“ беа во посета на повеќе фирми и институции каде го понудија списанието.

Низ светот пак, Меѓународната недела се одбележа со разни активности. Во Глазгов и во Единбург се организираше распродажба на списанието „Биг ишју“, едно од најпознатите улични изданија во светот. Во улога на продавачи беа познати бизнисмени, политичари и јавни личности кои им даваа морална поддршка, но и поддршка во продажбата на списанието. Грчкото издание „Схедија“ пак, кое во рамки на Неделата го прослави и својот прв роденден, вклучи популарни личности да го продаваат весникот на повеќе места низ Атина и Солун, додека во Дортмунд пак, германското издание „Бодо“, го продаваа обични граѓани кои застануваа во поддршка на продавачите. Берлинскиот весник „Страсенфегер“ пак, направи специјално издание во форма на стрип, во кое бездомник е во улога на суперхерој.
Настанот доби и големо медиумско внимание во сите градови каде што се одбележа ширум светот.