Македонија има европски закони за животна средина, но со голо око се гледа дека не се спроведуваат

Проблемот со загадувањето на реките, обработливото земјоделско земјиште, депонирањето на отпадот, проблемот со дивите депонии, узурпирањето на зелени површини во централните градски подрачја, изградбата на станбените објекти, зголемениот сообраќај и индустриското загадување, користењето на различни видови огревни материјали во грејната сезона, остануваат главните фактори за загадување во Македонија.

И покрај постоечката правна регулатива, донесените стратешки документи, државните конференции и расправи, обуки и тркалезни маси, граѓанските незадоволства, активностите на невладините организации, предизборните ветувања на политичките партии, проблемите со загадувањето на воздухот, водата и почвата се уште остануваат неразрешени. 

Хемичари, физичари, биолози, машинци, технолози, медицинари – сите денеска беа собрани на куп во Македонската академија за наука и уметност, со цел да ги најдат решенијата за горливите проблеми со загадувањето кои со години ја загрозуваат добросостојбата на животната средина и човекот. На конференцијата денес и утре можат да се слушнат 40-тина презентации на 90 автори.

Профитот останува поважен од здравјето на луѓето, констатира претседателот на МАНУ, Таки Фити.

„Основна цел на компаниите во пазарната економија е да го максимизираат профитот. Ако сакате да го максимизирате профитот, доколку тоа некој ви го дозволи, вие нема да вградувате филтри за прочистување на воздухот, нема да вградувате технологија за прочистување на водата, туку едноставно ќе ги фрлате во воздухот, во блиската река и ќе ја деградирате животната средина. Зошто? Бидејќи ако инвестирате во технологии за заштита на животната средина, ви растат трошоците и ви се намалува профитот. Значи, пазарот ве тера тоа да го правите, профитот. Но, затоа државата треба да каже „стоп – оваа работа не чини, мора да се држите на вакви стандарди, со плаќање високи еколошки даноци“, вели Фити.

Македонија за жал влегува во редот на земјите каде што прогресивно со години наназад доаѓа до влошуваше на квалитетот на животната средина, забележа тој.

„Македонија има многу добра законска регулатива за животна средина, одлична. Кога ги читате законите, подзаконските акти, се е тоа според европски стандарди направено, со модерни пристапи. Но, генералниот проблем е нивната имплементација. Не се спроведуваат законите, и тоа се гледа и со голо око“, истакна Фити.

Но, мерките за намалување на загадувањето не се нови. Тие со години се повторуваат. На денешната конференција уште еднаш ги напомена академикот Глигор Каневче, кој е научник и професор од областа на енергетиката, животната средина.

Како најголеми загадувачи беа истакнати домаќинствата, по што доаѓа индустријата, почвата и прашината од улиците, сообраќајот, комерцијалните и услужните сектори, па на крај енергетските трансформации. Најзагадени градови, пак, остануваат Скопје, Тетово и Битола.

Мерките кои остануваат за спроведување:

За домаќинствата – користење печки со повисока ефикаснос и подобрување на изолацијата на постојните домови. Каневче напомена дека само 6 отсто од домовите се изградени по 2001 година. Според него, не може да се чека на нови живеалишта, туку веќе постоечките домови да се прилагодат на стандардите, а во тоа да помогне Владата.

За индустријата – пречистувачи и горива со ниски емисии, подобрување на енергетска ефикасност и мерки за намалување на емисиите во градежништвото.

Во комерцијалниот сектор – одржување на улиците и тротоарите.

Во сообраќајот – дестимулирање на користење стари возила, подобрување на градскиот превоз, користење на електрични возила

„Се надеваме ќе дадат нов прилог кон разрешување на овие актуени и горливи проблеми со животната средина“, вели академикот Владо Матевски.

Тој подвлече дека минатата година се продадени рекорден број на собни прочистувачи на воздух за домаќинствата, а граѓани постојано се забележуваа со маски на лице. Потсети и дека семејства ги напуштаат своите живеалишта во деновите со ектремно загадување за да ги заштитат своите деца.

Државниот секретар при Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, вели дека се уште не е доволно покриено загадувањето од индустријата и сообраќајот.

„Индустријата е посебна проблематика, на многу нивоа треба да се работи“, нагласи таа.

„Свесни сме дека доста индустриски капацитети се со застарени технологии каде заштитата на испустот (end-of-pipe) е единствено можно решение. Сме разговарале и сме размислувале многу за можните начини на оданочување. Во современиот свет тоа оданочување функционира. Функционира и финансиската дисциплина. Навистина, потребна е сериозна анализа какви еколошки даноци ни се потребни. За жал, се уште само разговараме на оваа проблематика, а многу малку сме направиле во стварност“, рече Петровска во своето излагање.

„Постојат некакви надоместоци кои одат во буџет, на тој начин се санкционира загадувањето, но тие надоместоци, тие приходи, наместо да се вратат наменски таму каде што настанал изворот на загадувањето, за жал се наменуваат за други цели“, додаде таа.

Фити, пак, предлага прогресивен данок за загадувачите од индустријата. Колку повеќе загадување би правеле, толку поголеми даноците да бидат за нив. Така смета тој, поевтино би било за фабриките да инвестираат во филтри, отколку да плаќаат дупло за отпадот што го создаваат.

Но, граѓаните и годинава ќе почекаат за резултати. Петровска смета дека најдобро е да се започне со мерки кои се наједноставни за спроведување, но кои се ефективни.

„Голем  дел од тие мерки се започнати, дел од нив со време се применуваат, но факт е дека треба сите поорганизирано да делуваме во ова општество, бидејќи ова не е само прашање на министерството, туку на многу чинители, во дедлот на енергетиката, Градот Скопје, просторното планирање, урбанистичкото планирање, сообраќајните решенија“, рече таа, додавајќи дека министерството веќе набавило прочистувачи за воздух во градинки  и здравствени установи низ целата земја.

Еден од иницијаторите на оваа конференција, поранешниот претседател на МАНУ, академикот Георги Старделов, рече дека луѓето не ја разбираат важноста на природата.

„Ние никогаш не ја сфативме природата како живо битие, како жив субјект, без чиј опстанок не е можен нашиот“, рече тој пред насобраните експерти.

„Човекот, горд хомо сапиенс, богат со разум, заден час е да се сети и вразуми дека сам можеби најмногу загадува“, забележа Старделов, предлагајќи урбанизација на селата, кои како што рече, се единствена база на чист воздух и животна средина.

„Природата беше, и е нападната од сите страни, со сите средства, од човекот што носи во рака секира и со оган опожарува илјадници квадратни километри шуми. Оние робусни машински страшила што разоруваат бездушно. Затоа категорично и изрично велам – иако се напишани повеќе филозофии на природата, ние и до денес како да не знаеме всушност што е природата, поседувајќи погрешна свест за неа“, истакна Старделов.

Емилија Петреска