Македонија го освои Купот за држави без хокеј арени – 15 години бараме услови, велат хокеарите

Македонија го освои ИИХФ Развојниот куп во Хокеј, турнир кој претходниве три дена се организираше во Фусен, Германија, на кој настапуваат држави кои немаат хокеј арени во својата земја.

Земјава стигна до првото место откако победи на сите пет натпревари во конкуренција со Португалија, Ирска и Андора. Македонија во финалниот натпревар, вчера славеше против Португалија со резултат 9:3.

ФОТО: Македонските хокеари по освојувањето на првото место

Хокеарите велат дека овој успех покажува дека хокејот во Македонија има иднина, но нема услови.

„Голема благодарност до хокејарите, до стручниот штаб, до пријателите на хокејот….овој успех е заеднички. Отидовме во Германија на првенство со броени пари, за пат, за спиење и по некој сендвич, се вративме златни со пехар, со покажување на пркос дека можеме да успееме и кога немаме услови и кога никој не верува во нас“, напиша Никола Тасев, претседателот на Македонската хокеарска федерација.

ФОТО: Никола Тасев и Стефан Трпески, дел од македонската хокеј репрезентација, преку фотографии на социјалните мрежи испратија пораки до властите

Тасев објаснува дека хокеј арена во Македонија е неопходна за развој на пет различни зимски олимписки спортови, но дека со години властите немаат разбирање за нивните барања.

„Во ред е да имаме 5 монтажни лизгалишта низ цела држава, но сакаме хокеј арена. 15 години се мачиме да го дигнеме хокејот, 15 години со сопствени средства го одржуваме овој спорт, 15 години чекаме на хокеј арена! Ни треба хокеј арена под итно. Хокеј арена која не чини повеќе од еден лав или ограда на мост. Сакаме хокеј арена која не чини повеќе од сумата исплатена на 3 компании блиски до Владата од Фондот за Иновации на жими мајка. Кога гледам како на глупости се трошат народни пари ми доаѓа да врискам се погласно секој ден: Сакаме хокеј арена!“, додава Тасев.