Македонија домаќин на Mеѓународниот Кнауф Јуниор Трофеј

Меѓународниот Кнауф Јуниор Трофеј натпревар, каде учествуваат градежните училишта од 12 европски земји оваа година ќе се организира во Македонија. Ова е традиционален натпревар за сува градба за средношколци од градежните училишта од повеќе земји.

Натпреварот, кој ќе се одржи во четврток (6 јуни) во СГГУ “Здравко Цветковски“ во Скопје, ќе биде собир на средношколци од 12 земји од Европа, кои ќе се натпреваруваат во две категории – теоретски и практичен дел.

“Очекуваме интересни и креативни решенија од учесниците, натпреварувачки дух, но пред се забава и дружење помеѓу младите. Истовремено, ова е одлична можност за средношколци од повеќе држави да се запознаат со Македонија, бидејќи најголемиот дел од нив досега не биле во можност да ја посетат нашата земја“, изјави Роберт Смилески, маркетинг менаџер од Кнауф Македонија.

Практичната задача на натпреварот ќе биде оценувана од стручна жири комисија, по што ќе бидат доделени наградите на најдобрите тимови.

„Градежништвото е сегмент кој се повеќе се развива во нашата држава, а посебно примената на т.н. сува градба е во подем. Целта на овој натпревар и сите останати активности кои ги спроведуваме е дополнителна едукација на учениците во сегментот на градење, промовирање на новитетите кои се нудат на европските градилишта и размена на искуства и знаење помеѓу учениците, вработените во средните градежни училишта и нашите колеги од различни земји на Европа“, вели Смилески.

Натпреварувачите ќе бидат придружувани од нивните професори и ментори како и од претставници од Кнауф од секоја земја учесничка.