Mакедонија дел од светската акција „Часот на планетата Земја“

Македонија петта година по ред се вклучува во одбележувањето на најголемата светска волонтерска акција „Часот на планетата Земја“, во која годинава ќе учествуваат над 154 држави ширум светот.

Mакедонија дел од светската акција „Часот на планетата Земја“

Часот на планетата Земја претставува најголема светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.

Оваа година акцијата се одржува на 29 март, кога во 20.30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 градови низ 154 држави во светот, а меѓу нив и Македонија. За разлика од изминатите учества, Македонија се вклучува во акцијата со сопствена медиумска кампања за спас на планетата Земја, каде главните суперхерои се познати личности од Македонија и регионот, кои ја даваат својата порака за вклучување во акцијата.

„Македонија може со гордост да се пофали дека е дел од најголемата светска волонтерска акција. Се вклучуваме во Часот на планетата Земја петта година по ред, но прва година со своја медиумска кампања во која добиваме поддршка од многу познати личности од Македонија и регионот. Нашата кампања стартува на 3 март и секој ден ќе објавуваме по една видео порака од нашите медиумски амбасадори кои ја поддржуваат акцијата. Мотото на акцијата е „нашата моќ е зголемена, засилена и глобализирана кога сите заедно ќе се обединиме во една иницијатива“, изјави Ѓорги Селков, главен организатор на акцијата Часот на планетата Земја во Македонија.

Тој упати јавен апел до сите градоначалници да се вклучат и нивните општини да се вклучат во одбележувањето на Часот на планетата Земја и да го исклучат осветлувањето за време на настанот.