„Македонија 2025“ со поддршка на младите девојки во технологијата

„Македонија 2025“, во партнерство со Фондацијата Ана и Владе Дивац – Србија и „Women In Tech Macedonia“, ја отвори својата нова програма „SТЕМ IT like a girl„ или „СТЕМувај како девојка“, со цел да ги мотивира и поддржи младите девојки за избор на образование и кариера во некоја од областите на СТЕМ (Science, Technology, Engineering and Mathematics).

Затоа ги повикуваат сите заинтересирани жени со успешни кариери во некоја од СТЕМ областите да се вклучат во програмата и кампањата за мотивирање и поддршка на младите девојки преку споделување на сопствените успешни приказни и искуства.

Учеството во оваа програма сметаат дека ќе придонесе за намалување на јазот во образованието на младите жени и мажи, намалување на професионалната сегрегација на жените во ниско-платени занимања и професии со мали можности за напредување, како и до помала стереотипната поделба на „машки“ и „женски“ професии. Главните корисници на програмата се младите девојки/жени од основно образование (8мо и 9то одделение), средно образование и факултет.

„Oсновното и средното образование се клучни при насочување и поттикнување на учениците во изборот на понатамошно образование и кариера. Токму затоа, ги повикуваме и заинтересираните директори/ки и наставници/чки од основно (8-мо и -9-то одделение) или средно образование кои би сакале програмата да се спроведува во нивните училишта да не контактираат на следниот мејл stemgirl@macedonia2025.com“, велат од Македонија 2025.

Програмата „SТЕМ IT like a girl„ или „СТЕМувај како девојка“ е делумно поддржана од Владата на Република С. Македонија.