Македонци и „северџани“, патриоти и предавници – кој е виновникот за поларизацијата на јавниот дискурс?

Македонци и северџани, патриоти и предавници, па и документарецот Медена Земја, се теми кои предизвикаа спротивставени мислења, а со тоа и поларизација во јавниот дискурс. Новинари и претставници на новинарски и граѓански здруженија дискутираа на настанот „Препознавање и ракување со радикално поларизирачки јавен дискурс: етички и практични дилеми“, организиран од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН-С) со поддршка на фондацијата НЕД и Цивика Мобилитас.

Како што појасни Ана Блажева од ИОХН-С, истражувањето за поларизацијата и популизмот се бави со деполаризација на јавниот простор.

„Го анализиравме дискурсот на политичките партии кој се прелева во јавниот говор на социјалните мрежи, што потоа влијае на поголема општествена поларизација“, појасни Блажева.

Таа забележа дека едно од главните обележја на поларизацијата е поделбата на две социјални и општествени групи коишто се спротивставени и се исклучуваат една со друга.

„Причините за појава на поларизација во јавниот дискурс најчесто се разликите во социо-економските поделби, односно големите економски разлики кај населението и подолготрајно чувство на несигурност, неизвесност, анксиозност дека може да се случи нешто што ќе не загрози. Социјалните идентитети и припадноста на одредени социјални групи нѐ прават да се чуствуваме побезбедни и најчесто во случај на анксиозност ние бараме припадност“, појасни таа.

Според истражувањето, во процесот на поларизација на јавниот дискурс има 5 различни групи на општествени актери.  Први се туркачите – оние кои ги креираат различните групи, втората група се придружниците, оние кои спонтано или поради клиентелизам се приклонуваат кон одредена група. Трета група се предавниците, тие се оние кои немаат потреба да се определат за едната или за другата група.  Четврта група се премостувачите, нив ги сметаме како најважни како најпотенцијална група за деполаризација, бидејќи се обидуваат да ги најдат заедничките основи помеѓу двете групи и можат подистанцирано да ја согледаат ситуацијата.

Петтата група се жртвените јарци, тоа се најчесто премостувачи кои во кулминацијата на поларизирање, стануваат жртви.

Според Катерина Синадиновска, претседателка на Советот за етика на медиумите, постои наезда на неспособност, ситуација во која партиите се главни виновници на поларизацијата.

„Пар од медиумите имаат огромна вина поради ова што се случува, подлегнале на притисоци, но не се само медиумите кои се виновни, партиите се тие коишто се извор на оваа поларизација. Мене ми е навистина жал што не профунционира процесот на отворени листи и една изборна единица“, рече таа.

„Главниот извор на поларизацијата во Македонија е тоа што системот на вредности на државата потекнува од поделбата на власта. Принципот на „победникот добива се“ е причината поради која говорот се поларизира. Поделбата на ресурсите при доаѓање на власт е строго партиска и со тоа се создава две категории на луѓе – едни кои уживаат во бенефитите и други кои се настрана. Ова е за суштината на целата поларизација“, додаде новинарот Горан Момировски.

Денис Сулејман од Здружението на новинари на Македонија, пак запраша каде се наоѓа тенката граница помеѓу правото на слободен говор и говорот на омраза.

„Слободата на говорот и изразувањето на мислата претставуваат основни човекови права и можноста да се изрази мислењето претставува вредносен показател за демократскиот капацитет на една земја. Постои тенденција да се користи повикувањето на слобода на говор како изговор за искажаниот став кој оди во насока на радикализам, говор на омраза и клевета“, дополни Сулејман.

Настанот беше организиран во контекст на предвремените парламентарни избори во април, како и во очекување на дополнителна радикализација на јавниот дискурс помеѓу политичките актери, но и воопшто во јавниот простор.

Ивана Смилевска