Во рамките на „Зимската програма“ на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, во четврток, со почеток од 20:30 часот во академската сцена на Факултетот за драмски уметности ќе се прикажува документарниот филм „Cinema Komunisto“.
Сместен во топ-листите на „Вол Стрит џурнал“ (Wall Street Journal) како филм кој не смее да се пропушти, ова наградувано остварување на Мила Турајлиќ, преку инсерти на десетина заборавени југословенски филмови, ексклузивни интервјуа и архивски снимки од филмски снимања и Титовите приватни проекции, создава слика за Југославија – онаа официјалната и скриената зад кулисите.
„Синема Комунисто“ ги истражува митовите кои ги поддржувала Југославија, но и начинот на кој фикцијата и реалноста се разминуваат сè до конечниот колапс.
„Зимската програма“ на фестивалот опфаќа 15-тина документарни филмови од ризницата на „Македокс“ кои оставиле најсилен впечаток кај фестивалската публика.