МакеДокс патувачко кино 2018 од 12-25 јули

На 12 јули магаренцето на патувачкото кино Македокс ќе тргне на пат и годинава ќе ги посети селата во струшкиот регион.

„Како |Струга| we also have a Drim! И нашиот Дрим е голем и чист, моќен … нѐ носи по разни патешествија. Како и јагулите, наидуваме на многу пречки кои само нѐ прават посилни. Како и јагулите, и МакеДокс ги заобиколува поставените брани по патот и стигнува онаму каде што намислил. Со патувачкото магаренце сме пропатувале многу, ни се отвориле многу врати, а доста сме отвориле и сами. На нашето платно се прикажуваат приказни кои покриваат простор со размер сличен на растојанието од Беринговото море до Глобочица.

Нема пари на светот што можат да го платат задоволството кое душа полни додека човек лежи оптегнат на некоја ледина, на импровизирано гледалиште, опкружен со луѓе кои најчесто ги знае неколку саати, а ги чувствува топло ко да му се пријатели долги години, под покрив од ѕвезди.

Наместо ловоров венец имаме венци од кромид, подвижни слики и впечатоци. Нашата тајфа носи поетика која често е посурова од таа на Миладиновци, а оваа година, ќе се обидеме, хранејќи ја нашата носталгија, да му оддадеме почит на Константин, секој од нас со нови очи да види Охрид, Струга да види“, велат од Македонкс.

МакеДокс Патувачко кино 2018 летово ќе ги посети:

12.07. – Калишта
13.07. – Радолишта
14.07. – Октиси
15.07. – Мислодежда
16-19.07. – Подготовки за еко-акција

20.07. – Ташмаруништа
21-28.07. – Еко-акција по струшкото крајбрежје
21.07. – Радожда
22.07. – Мали Влај
25.07. – Струга, Еко-докумаратон

Патувачкото кино на МакеДокс е поддржано од Агенција за филм на Република Македонија.