„МакеДокс“ ќе се одржува од 19 до 26 август под мотото „Слеј се со тишината“

Единаесеттото издание на Фестивалот на креативен и документарен филм „МакеДокс“ годинава ќе се одвива од 19 до 26 август.

Овој пат, мотото е „Слеј се со тишината“, а организаторите велат дека единаесеттото е нов, невиден предизвик, а сите се втурнати во еден неочекуван свет.

„Збунети, изолирани. Многумина за прв пат го слушнаа градот во тишина или се слушнаа себе, навлегоа подлабоко. Многумина се освестија колку се важни културните содржини за одржување на нашето ментално здравје. Овој свет е некако истовремено оддалечен но и поинтимен, поспор и повнимателен. Не се залетува. Гледа кон небото. Чита повеќе. Гледа филмови. Слуша“, соопштуваат од „МакеДокс“.

Од таму посочуваат дека бројот 11 може да се чита како почеток на нова деката, како 1.1, а може и да се чита во неговото скриено значење, како број кој означува порта кон други, метафизички димензии, или како број кој означува носење на суд, одлука.

„Единаесеттото издание на ‘МакеДокс’ ќе биде посветено на звукот и тишината. На слушање на наједноставното и најтешкото, и на поглед кон невидливото. Фокусот го ставаме на поезијата во филмот-дизајнот на звук. А фестивалот, кој се покажа како жилав троскот, ќе го менува својот ритам, како и сите ние, во согласност со препораките за заштита на општото јавно здравје, ви најавува дека по единаесетти пат ќе се видиме и ова лето под мотото кое е идеално за реалниот или виртуелен Куршумли ан – слеј се со тишината…“, стои во најавата за претстојниот „МакеДокс“.

Повеќе информации за програмата, локациите и онлајн платформата ќе бидат објавени наскоро.

„Се гледаме виртуелно и физички од 19 до 26 август“, соопштија од „МакеДокс“.